Жена нападната во Скопје, минувачка реагирала: „Маж ѝ е, не се мешај“

Вознемирувачко сведоштво на социјалните мрежи открива случај на насилство врз жена среде Скопје, а од МВР потврдуваат дека настанот е пријавен и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.
Screenshot: X

Жена била вербално и физички нападната среде Скопје, а млада девојка која се обидела да помогне добила одговор што ја отвора најболната страна на семејното насилство: „Маж ѝ е, што сака нека ѝ прави, не се мешај“. Случајот го сподели скопјанката Александра на социјалните мрежи, а МВР потврди дека настанот е пријавен.

Според сведоштвото, насилникот ја тепал и давел жената, додека ќерката на Александра се обидела да интервенира и да го замоли да престане. Со него имало уште еден маж, кој, според објавата, ѝ рекол да не се меша, бидејќи станувало збор за неговата сопруга.

„Мојата ќерка се обидела да ѝ помогне на жената и го замолила да престане да ја малтретира. Со него имало уште еден маж, кој ѝ рекол: ‘Не се мешај, маж ѝ е, што сака нека ѝ прави’“, напиша Александра.

„Ниту еден сопруг нема право да ја тепа својата сопруга“

Според објавата, девојката возвратила дека ниту еден сопруг нема право да ја тепа својата сопруга, по што насилникот почнал да ѝ се заканува и нејзе.

„Најстрашно е што никој од мажите кои поминувале не се осмелил да ѝ помогне на жената“, додава Александра во сведоштвото.

Случајот предизвика реакции поради насилството, но и поради опасната логика дека бракот или партнерството може да бидат оправдување за напад. Насилството не е приватна работа, ниту семејна расправија во која околината треба да молчи.

МВР потврди дека случајот е пријавен

Од Министерството за внатрешни работи за „Скопје1“ потврдиле дека случајот е пријавен вчера околу 11:30 часот во СВР Скопје.

„Денеска околу 11:30 часот во СВР Скопје од страна на лице од Велес, такси возач, пријавено е дека додека превезувал две лица на подрачјето на Скопје, машкото лице вербално и физички ја нападнало жената, најверојатно негова сопруга“, велат од МВР.

Од полицијата додаваат дека се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицата и целосно расчистување на случајот.

Овој случај е уште еден потсетник дека насилството врз жените не смее да се релативизира со реченици како „нивна работа е“ или „маж ѝ е“. Кога некој е нападнат, јавниот простор не смее да биде место на молк, туку место каде што се реагира, се пријавува и се бара заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс