Младински штрајк е најавен за 20 ноември во најмалку 13 европски земји, каде што студенти и средношколци повикуваат на напуштање на училниците и амфитеатрите. Зад повикот стои меѓународна коалиција на студентски и младински организации, која бара средствата наменети за вооружување да се пренасочат кон потребите на младите. Од Македонија засега нема потврда дека некоја организација ќе се приклучи на акцијата.
Повикот официјално беше објавен на 10 август, а неговата главна порака е дека младите сакаат да се борат за својата иднина, а не да учествуваат во туѓи војни. Организаторите се против зголемувањето на воените буџети и воведувањето или проширувањето на задолжителниот воен рок, а ја критикуваат и политиката на Европската Унија за забрзано вооружување. Според нив, јавните средства треба да се вложуваат во образованието, здравството, домувањето, социјалната заштита и климатските политики. Најавени се штрајкови, демонстрации, собири, блокади и окупации, со цел 20 ноември да прерасне во најголемото координирано младинско мобилизирање во Европа во последните години.
Акции се најавени во Шпанија, Португалија, Франција, Италија, Швајцарија, Велика Британија, Словенија, Австрија, Германија, Белгија, Холандија, Данска и Шведска. Во Франција средношколците уште од крајот на септември блокираат училишта поради недостигот од наставници, преполните паралелки и правилата за упис на факултет. На 6 октомври на улиците излегоа околу 250.000 луѓе. Во Шпанија младите се меѓу најгласните учесници на протестите против кризата со домувањето и високите кирии. Во Италија студентската мрежа Рете дела Коношенца официјално го поддржа штрајкот, по протестите во Милано.
Европскиот повик доаѓа по бранот протести на Генерацијата Z во Непал, Индонезија, Индија, Мароко, Мадагаскар и Перу. Причините за мобилизацијата се различни: корупција, невработеност, високите трошоци за живот, проблемите во образованието и политичката репресија. Во Мароко, движењето ГенЗ 212 во есента 2025 година стана пример за дигитално организирање на младински протести. Неговиот сервер на Дискорд во периодот на најголемата мобилизација достигна околу 250.000 членови. Протестите беа поттикнати од незадоволството од состојбите во здравството и образованието, корупцијата и недостигот од институционална одговорност
Македонскиот контекст е поинаков. Меѓународната алијанса за граѓанско учество ЦИВИКУС ги вбројува протестите по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 луѓе, претежно млади, во поширокиот бран младински отпор против корупцијата и институционалната неодговорност. Протестите добија поддршка од граѓани независно од нивната партиска, етничка и социјална припадност. Сепак, до средината на октомври немаше веродостојна потврда дека македонска студентска или младинска организација официјално се приклучила на европскиот штрајк, ниту дека за 20 ноември е најавен протест во Скопје.
