Прајдот утре го менува режимот на сообраќај во Скопје

Поради одржувањето на Скопје Прајд 2026, во сабота ќе има повремени ограничувања и пренасочување на сообраќајот низ дел од централното градско подрачје.

Во сабота, 20 јуни, во Скопје ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради одржувањето на Скопје Прајд 2026, кој годинава се одржува под слоганот „Сите нека знаат“.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот долж трасата по која ќе се движат учесниците на настанот.

Собирот на учесниците е закажан за 18 часот кај Фонтаната Лотус во Градскиот парк, а протестниот марш ќе започне во 19 часот.

Според најавата, движењето ќе почне од Фонтаната Лотус во Градскиот парк, по што учесниците ќе продолжат по булеварот „Илинден“, улицата „Франклин Рузвелт“, булеварот „Партизански Одреди“, улицата „Васил Главинов“ и улицата „Димитрие Чуповски“, а маршот ќе заврши во паркот „Жена Борец“, на улицата „11 Октомври“.

Поради тоа, во текот на настанот се очекуваат повремени ограничувања и пренасочување на сообраќајот на дел од овие улици и булевари.

Од СВР Скопје апелираат до граѓаните и возачите да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Скопје Прајд и оваа година ќе има карактер на протестен марш посветен на човековите права, еднаквоста и достоинствениот живот на ЛГБТИК+ луѓето во Северна Македонија.

Организаторите најавуваат дека преку маршот ќе бидат испратени пораки за видливост, солидарност и отпор кон дискриминацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс