Состојбата со големиот шумски пожар на хрватскиот остров Брач во текот на ноќта била значително постабилна. Во споредба со претходните денови немало големи огнени јазици и густ чад, но екипите останале во целосна готовност поради појавата на помали жаришта. На терен биле ангажирани 235 пожарникари со 68 возила, кои интервенирале веднаш штом ќе се појавел пламен или чад.
Од Оперативниот центар за противпожарна заштита на Брач за хрватската агенција „Хина“ соопштиле дека интензитетот на пожарот во текот на ноќта бил помал и оти ситуацијата е подобра во однос на претходните вечери. Во меѓувреме е изгаснат и пожарот што во неделата попладне избувнал во Бол.
Огнената линија се протега на десетици километри
Жупанискиот противпожарен командант за Сплитско-далматинската жупанија, Иван Ковачевиќ, очекува пожарот во наредните денови постепено да слабее, доколку временските услови останат стабилни и нема засилување на ветерот. Според првичните проценки на пожарникарите, огнената стихија досега уништила повеќе од 4.000 хектари шума, ниска вегетација и макија. Погоденото подрачје се протега во должина од околу 35 до 40 километри.
Еден од најтешките делови од пожарот бил кај заливот Дубока, во близина на Милна. Таму пожарникарите во саботата вечерта со часови се бореле со огнот, а зад себе пожарот оставил големи опожарени површини и целосно изменет пејзаж.
Колку брзо се ширел огнот сведочи и Никола Мартиниќ Драган, командир на Доброволното противпожарно друштво Супетар. Тој за РТЛ раскажал дека во најкритичниот момент пламените јазици се движеле побрзо од пожарникарските екипи и стигнувале до објектите пред нив.
„Беше прилично апокалиптично. На самиот почеток пожарот беше побрз од нас. Огнот ги опколи сите објекти пред да успееме да стигнеме до нив“, изјавил Мартиниќ Драган.
Пожарникарите морале да минуваат низ огнената зона за да стигнат до луѓето и да ги заштитат објектите, бранејќи ги куќите една по една.
Околу 200 луѓе останале во хотел опколен со оган
Една од најтешките ситуации се случила во одморалиште каде што околу 200 луѓе биле во хотел опколен со пожар. Во тој момент евакуацијата била исклучително ризична, бидејќи огнот го блокирал патот кон безбедните локации. Според Мартиниќ Драган, пожарникарите процениле дека најбезбедно е луѓето да останат во цврстиот хотелски објект, кој можел да биде затворен за да се ограничи навлегувањето на чад.
Додека гостите биле внатре, пожарникарите однадвор го браниле објектот од пламените јазици и спречувале огнот да стигне до зградата.
Иако состојбата на Брач сега е помирна, пожарникарите и натаму остануваат на терен. Опасноста не е целосно отстранета бидејќи преостанатите жаришта можат повторно да се активираат, особено доколку се засили ветерот.