Пожарот во западниот дел на Атика беснее веќе трет ден и се прошири до населбата Агија Скепи, додека пожарникарите се обидуваат да го запрат неговото напредување кон Псата. Во гаснењето се вклучени околу 450 пожарникари, потпомогнати од седум противпожарни авиони, јавуваат грчките медиуми.
Во регионите Атика, Беотија и Евија и понатаму е на сила портокалово предупредување поради исклучително висок ризик од пожари.Според досегашните проценки, во пожарите што ја зафатија Атика и Беотија изгореле повеќе од 111.000 хектари шума и земјоделско земјиште.
Ситуацијата дополнително ја засени трагедијата што се случи во неделата, кога за време на акција за гаснење пожар во областа Псата се судрија два изнајмени противпожарни хеликоптери „Бел“.
Во несреќата загинаа дански пилот и грчки координатор, додека британски пилот и неговиот грчки координатор, кои биле во вториот хеликоптер, се повредени. Грчката полиција веќе започна прелиминарна истрага за причините за судирот, а по налог на надлежното обвинителство се собираат докази за да се утврдат точните околности под кои дошло до несреќата.
Грција и понатаму се соочува со исклучително тешка противпожарна сезона, а високите температури и силните ветрови ја отежнуваат борбата со огнената стихија.