Пожарите хараат низ Европа: Изгореа над 250.000 хектари, штетата е колку цел Луксембург

Шпанија е најпогодената земја во ЕУ, Франција евакуираше околу 260.000 луѓе, а експертите предупредуваат дека сезоната на пожари може да стане една од најтешките досега.

Европа се соочува со една од најтешките сезони на шумски пожари во последните години. Според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари (EFFIS), во 2026 година досега се регистрирани околу 1.200 пожари, повеќе од двојно над годишниот просек од 569.

Во земјите од Европската Унија досега изгореле повеќе од 250.000 хектари шума и земјиште, површина споредлива со територијата на Луксембург. Со оглед дека летото сè уште не е завршено, постои опасност вкупната штета да го надмине рекордот од 2025 година, кога беа уништени над 270.000 хектари.

Шпанија најтешко погодена

Најголем удар од пожарите во ЕУ претрпе Шпанија. Според европската програма „Коперникус“, огнот уништил повеќе од 200.000 хектари, што претставува околу 0,4 проценти од целата територија на земјата.

Повеќе од 90.000 луѓе биле евакуирани, а пожарите зафатија големи области со сува вегетација и високи температури. Португалија е втората најпогодена земја во ЕУ според процентот на изгорена површина. Тамошните власти прогласија највисок степен на опасност во повеќе региони, особено на северот и центарот на земјата.

Надвор од ЕУ, уште поголеми последици се забележани во земји како Украина и Црна Гора, каде процентот на уништена површина е уште поголем.

Франција во борба со огнената стихија

Сериозна криза има и во Франција, каде најтешко е погоден југозападниот департман Жиронд. Поради брзото ширење на пожарите, евакуирани се околу 260.000 луѓе. Француските пожарникари се соочија и со опасниот феномен на пирокумулонимбусни облаци – огромни „огнени бури“ кои создаваат сопствени ветрови и можат дополнително да го забрзаат ширењето на пожарите.

Климатските услови ја влошуваат ситуацијата

Европските метеоролошки модели покажуваат дека условите во следниот период нема да бидат поволни за гасење на пожарите. Под просек се очекуваат врнежи од дожд на подрачјето од Франција, преку Алпите, па сè до Балканот. Истовремено, во северна Европа и Скандинавија се очекуваат повеќе врнежи од вообичаено.

Пожарите веќе имаат сериозно влијание и врз животната средина. „Коперникус“ проценува дека огнот во ЕУ годинава испуштил повеќе од 8 тони јаглерод диоксид, количина која значително го зголемува притисокот врз климатските цели. Експертите предупредуваат дека комбинацијата од екстремни горештини, суша и промени во климатските услови создава сè поголем ризик од долги и разорни сезони на шумски пожари низ Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс