Голем шумски пожар на грчкиот остров Пар надвор од контрола: Евакуирани девет населени места

Силниот ветер го отежнува гаснењето на пожарот, а на терен се распоредени десетици пожарникари, авиони и хеликоптери за воздушно гасење.

Голем шумски пожар што избувна во вторникот попладне на грчкиот остров Пар остана надвор од контрола во текот на ноќта, поради што властите наредија евакуација на девет населени места. Грчките служби стравуваат дека засилените ветрови може дополнително да го поттикнат ширењето на огнот и да ги отежнат напорите за негово локализирање.

Преку системот за итни предупредувања 112 досега биле издадени четири наредби за евакуација. Рано утрово жителите на Трипити, Глифа, Пиргаки и Аспро Хорија добиле инструкции да се евакуираат кон Дриос, додека претходно била наредена евакуација на Агкаирија кон плажата Алики.

Уште во вторникот биле евакуирани и населените места Агиос Хараламбос, Кампи, Бугадос, Анератза и Камари. Во гаснењето учествуваат 66 пожарникари, четири специјализирани единици за шумски пожари од областа Атика и 16 противпожарни возила. Со првите утрински часови во акцијата повторно се вклучиле два авиони „канадер“ и пет хеликоптери.

Во помошта за гасење учествуваат и локални волонтери и екипи од островот Пар со цистерни за вода и тешка механизација. Дополнителни сили се очекуваат да пристигнат со траект од пристаништето Рафина – уште 20 пожарникари и осум возила.

Според грчката карта за ризик од пожари, островот Пар во среда е ставен на високо ниво на опасност – трето ниво, поради што властите остануваат во состојба на зголемена подготвеност додека пожарот не биде ставен под контрола.

е-Трн да боцка во твојот инбокс