Нафтата повторно расте, берзите под притисок: Геополитиката и кризата со чиповите ја враќаат неизвесноста

Причината е новата ескалација меѓу Вашингтон и Техеран. Американската Централна команда соопшти дека биле пресретнати ирански балистички ракети насочени кон американски сили, додека американски и саудиски единици извршиле напади врз вооружени групи во Ирак поврзани со Иран.

Нов бран тензии на Блискиот Исток повторно ги потресе глобалните пазари. По неколкудневно намалување на стравувањата дека конфликтот меѓу САД и Иран се смирува, новите воени дејствија повторно ги зголемија цените на нафтата и ги вратија инвеститорите во режим на претпазливост. Цената на северноморската нафта „брент“ порасна за околу 3,8 отсто и достигна околу 87 долари за барел, додека американската ВТИ поскапе за повеќе од 3 отсто, приближувајќи се до 82 долари за барел.

Причината е новата ескалација меѓу Вашингтон и Техеран. Американската Централна команда соопшти дека биле пресретнати ирански балистички ракети насочени кон американски сили, додека американски и саудиски единици извршиле напади врз вооружени групи во Ирак поврзани со Иран.

Најголем ризик за енергетските пазари останува Ормускиот Теснец – клучната поморска рута низ која минува значаен дел од светската трговија со нафта. Ограничувањето на сообраќајот низ овој премин веднаш создава стравувања за можни нарушувања во снабдувањето.

Аналитичарите предупредуваат дека доколку продолжат нападите и заканите врз транспортните рути, цената на нафтата може да остане нестабилна и да се движи во широк опсег меѓу 80 и 100 долари за барел.

Дополнителен фактор за растот на цените се и податоците за намалување на американските резерви на сурова нафта, како и можноста ОПЕК+ да го забави планираното зголемување на производството.

Чиповите и вештачката интелигенција го тресат технолошкиот сектор

Паралелно со растот на нафтата, азиските берзи се соочија со нова распродажба на акциите на компаниите поврзани со полупроводници и вештачка интелигенција. Најголем удар претрпеа јужнокорејските производители на чипови. Акциите на „СК Хајникс“ паднаа и покрај силниот раст на профитот, бидејќи инвеститорите очекуваа уште подобри резултати. Под притисок беше и „Самсунг електроникс“.

Падови беа забележани и на другите азиски пазари, тајванскиот индекс загуби околу 5 отсто, а јапонскиот Никеи повеќе од 2 отсто. Причината не е само во поединечните финансиски резултати на компаниите. Инвеститорите сè повеќе се прашуваат дали огромните инвестиции во вештачка интелигенција, центри за податоци и напредни чипови ќе донесат доволно големи профити во иднина.

Во изминатиот период акциите на технолошките компании достигнаа рекордни вредности благодарение на еуфоријата околу развојот на вештачката интелигенција. Но, пазарите сега бараат конкретни докази дека овој бум може да се претвори во долгорочен раст.

Дополнителна загриженост создава и напредокот на кинеската полупроводничка индустрија, по информациите дека Пекинг развива сопствени технологии за производство на чипови и ја намалува зависноста од западните производители.

Два ризици за глобалната економија

Иако американските берзи завршија со мешани резултати, глобалната слика останува неизвесна. Растот на цената на нафтата може повторно да го зголеми инфлацискиот притисок и да влијае врз одлуките на централните банки за каматните стапки. Во исто време, можниот пад на технолошкиот сектор би можел да го забави оптимизмот околу економските перспективи.

Инвеститорите во моментов се соочуваат со два паралелни ризици: геополитичките тензии кои ја поскапуваат енергијата и сомнежите дали бумот на вештачката интелигенција е доволно силен за да ги оправда огромните берзански вреднувања.

По краткиот период на смирување, глобалните пазари повторно влегуваат во фаза на зголемена неизвесност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс