Мистерија во Кенија: За еден месец угинаа 15 слонови, се истражува можно труење

Најголем дел од угинатите се женки и младенчиња, а првичните анализи откриле присуство на потенцијално токсична супстанција. Властите испитуваат дали животните биле изложени на заеднички извор на загадување.

Кениските власти започнаа истрага откако во изминатиот месец во и околу Националниот парк Амбосели угинаа 15 слонови, а првичните лабораториски анализи укажуваат на можно присуство на токсична супстанција.

Според Кениската служба за диви животни (KWS), кај 10 од слоновите пред угинувањето биле забележани симптоми на делумна парализа, по што животните угинале во рок од два дена. Останатите пет трупови биле во напредна фаза на распаѓање или биле оштетени од диви животни, па причината за нивната смрт засега не може да се утврди.

Најголем дел од угинатите биле женки и нивните младенчиња, а само еден бил возрасен мажјак. Случаите се регистрирани во заштитеното подрачје Кимана и ранчот Куку, кои се наоѓаат во околината на Националниот парк Амбосели.

Прелиминарните испитувања извршени во лабораторија на Универзитетот во Најроби покажале присуство на потенцијално токсична материја кај неколку примероци. Истовремено, анализите направени во државна лабораторија не ги потврдиле токсините што биле предмет на тестирање, поради што се спроведуваат дополнителни испитувања.

Покрај анализата на ткивата од угинатите животни, експертите ги испитуваат и изворите на вода, почвата и можните загадувачи во погодените области за да утврдат дали сите слонови биле изложени на ист извор на труење.

Од Кениската служба за диви животни соопштија дека во моментов нема докази дека состојбата претставува ризик за луѓето. Кенија и претходно се соочувала со случаи на труење слонови, најчесто поврзани со криволов или конфликти меѓу луѓето и дивите животни.

Националниот парк Амбосели е еден од најпознатите резервати во Африка, препознатлив по големите стада слонови и погледот кон планината Килиманџаро. Се проценува дека во паркот живеат околу 2.000 слонови, што го прави едно од најважните засолништа за овој загрозен вид.

е-Трн да боцка во твојот инбокс