Јана Пауноска: Галичник, филмски прозорец кон светот

Галичник Филм Фестивал носи филмови од над 20 земји. Јана Пауноска зборува за темите, авторите и визијата фестивалот

Од малото планинско место Галичник до филмските приказни од целиот свет, годинава Галичник Филм Фестивал носи селекција со филмови од повеќе од 20 земји, отворајќи теми што ја одбележуваат современата реалност: војни, миграции, ментално здравје, семејни односи и климатски промени.

Но, фестивалот не е само место за проекција на филмови. На 1.500 метри надморска височина, далеку од градската бучава, Галичник станува простор за средби, разговори и нови перспективи. За изборот на филмовите, силните авторски гласови, местото на македонските автори и визијата за иднината на фестивалот разговараме со Јана Пауноска, директорка на Галичник Филм Фестивал.

Трн: Галичник филм фестивал годинава носи филмови од повеќе од 20 земји и отвора тешки теми како војни, ментално здравје, семејни односи, миграција, климатски промени. Дали ова е одраз на времето во кое живееме или свесен избор на фестивалот?

Јана: И двете. Филмот отсекогаш бил огледало на времето, а денешниот свет е исполнет со предизвици што ги чувствуваме сите, без разлика каде живееме. Не баравме филмови на одредени теми, туку најсилните приказни. Интересно е што голем дел од нив природно зборуваат за истите прашања, осаменост, идентитет, војни, семејство, итн. Нашата задача беше да ги собереме тие различни перспективи на едно место.

Трн: Оваа година има филмови од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка. Колку Ви е важно фестивалот да понуди глобален поглед на современиот краток филм?

Јана: Многу важно. Иако сме во мало планинско место, не сакаме публиката да има мало гледиште. Напротив, сакаме Галичник за тие четири дена да стане место каде што се среќава целиот свет. Добриот краток филм нема граници. Еден филм од Либан може да ве потсети на сопственото семејство, а приказна од Бразил да ви биде поблиска од она што секојдневно го гледате околу себе. Тоа е убавината на филмот.

Трн: Забележливо е дека во селекцијата има многу силни женски авторски гласови. Дали тоа е случајност или тренд што го забележувате во современиот филм?

Јана: Никогаш не правиме селекција според полот на авторите. Единствен критериум е квалитетот. Но, во последните години навистина се забележува дека многу авторки создаваат исклучително храбри, лични и оригинални филмови. Тоа не е квота, туку реалност во современиот филм, и мислам дека публиката добива многу токму поради таа разновидност на перспективи.

Трн: Гледањето филм на 1.500 метри надморска височина е ретко фестивалско искуство. Колку самата локација го менува доживувањето на филмот?

Јана: Мислам дека многу. Во Галичник нема градска бучава, нема трчање од една обврска на друга. Има тишина, природа и чувство дека времето тече поинаку. Кога ќе седнете под ѕвезденото небо и ќе гледате филм во таква атмосфера, многу полесно се поврзувате со приказната. Тоа не е само проекција – тоа е искуство.

Трн: Во официјалната селекција е и македонскиот филм „A Joke“ на Трифун Ситниковски. Колку е важно домашните автори да бидат дел од една ваква меѓународна конкуренција?

Јана: Многу е важно, затоа што сакаме македонските автори да бидат оценувани според исти критериуми како и сите останати. Кога македонски филм ќе биде избран во официјална селекција заедно со филмови од дваесетина земји, тоа е признание за неговиот квалитет и можност да биде виден од меѓународни гости, автори и селектори.

Трн: Дали гледате нова генерација македонски автори која може успешно да се пробие на меѓународната сцена?

Јана: Да. Последниве години навистина гледаме автори кои се технички многу подготвени, но уште поважно, имаат сопствен глас. Денес веќе не е доволно филмот да биде добро снимен. Треба да има што да каже. Мислам дека токму тоа се гледа кај новата генерација и верувам дека ќе гледаме сè повеќе македонски филмови на значајни фестивали.

Трн: Фестивалот се претставува како место каде што се создаваат нови идеи, соработки и пријателства. Колку веќе се гледаат резултатите од таа мисија?

Јана: Мислам дека најубавите резултати не се мерат само со бројки, туку со луѓето што повторно се враќаат во Галичник. Имавме автори кои првпат беа тука со сценарио или идеја, а неколку години подоцна се вратија со филм што го прикажавме на фестивалот. Кога ќе видите дека едно познанство, разговор или случајна средба прераснале во нов филм или нова соработка, тогаш знаете дека фестивалот ја исполнил својата мисија.

Трн: Каде го гледате Галичник филм фестивал за пет години?

Јана: Сакам фестивалот да остане препознатлив по тоа што веќе го прави различен – внимателна селекција, уникатна локација и место каде што филмот се доживува поинаку. Не ни е целта да станеме најголем фестивал, туку еден од оние што авторите и публиката вистински ги паметат. Би сакала да имаме повеќе програми, да донесеме уште повеќе меѓународни гости и Галичник да стане место каде што не само се прикажуваат филмови, туку и се создаваат нови.

Трн: Што сакате публиката да понесе со себе по четирите фестивалски дена – само добри филмови или и поинаков поглед кон светот?

Јана: Секако дека сакам да понесат спомени од добри филмови, но уште повеќе би сакала да заминат со нови прашања. Ако барем еден филм ги натера да размислат поинаку, да покажат повеќе разбирање кон некого или да погледнат на светот од друг агол, тогаш фестивалот ја исполнил својата цел. Филмот не го менува светот преку ноќ, но може да го промени начинот на кој гледаме на него. А понекогаш токму тоа е почетокот на секоја промена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс