Од Шон Конери до денес: 64 години Џејмс Бонд на големото платно

Флеминг не го сакаше Конери, името на агентот потекнува од книга за птици, а шпионот 64 години подоцна сè уште чека нов актер

На 5 октомври 1962 година во Лондон премиерно е прикажан „Д-р Но“, првиот филм за британскиот таен агент Џејмс Бонд. Главната улога ја игра Шкотланѓанецот Шон Конери, а ликот е преземен од романите на Ијан Флеминг. Шеесет и четири години подоцна, серијалот смени шест актери и го очекува својот седми Бонд.

Флеминг не го сакаше Конери

Авторот на романите првично не бил воодушевен од изборот. Флеминг замислувал поелегантен, аристократски Бонд, а Конери, поранешен бодибилдер и син на шофер од Единбург, му изгледал премногу груб. Мислењето го сменил по успехот на филмот. Во романот „Се живее само двапати“ од 1964 година, Флеминг на Бонд му дал шкотски татко.

Името го позајмил од книга за птици

Флеминг бил страствен набљудувач на птици. Додека живеел на Јамајка, користел прирачник за птиците на Карибите од американскиот орнитолог Џејмс Бонд. Името му се допаднало затоа што било што е можно пообично, без никаков сјај. Токму такво име барал за својот агент.

Најпознатата реченица од серијалот првпат се слуша во „Д-р Но“, на маса за карти во лондонско казино.

Во филмот има и една скриена шега. Во дувлото на негативецот стои портретот на војводата од Велингтон од Франциско Гоја, кој во 1961 година беше украден од Националната галерија во Лондон. Публиката тогаш ја разбра поентата: злосторникот ја има сликата што полицијата не можела да ја најде.

Познатата музичка тема ја напиша Монти Норман, а аранжманот го направи Џон Бери. Сцената во која Урсула Андрес излегува од морето во бел бикини стана една од најкопираните во историјата на филмот.

Шест актери, 25 филмови

Во официјалниот серијал на продукцијата Еон досега се снимени 25 филмови. Конери го играше Бонд во шест од нив. Џорџ Лејзенби остана со само еден, „Во тајната служба на Нејзиното Височество“ од 1969 година. Роџер Мур го облече смокингот седум пати, рекорд што сè уште стои.

Тимоти Далтон сними два филма, Пирс Броснан четири. Даниел Крејг се збогуваше со „Нема време за умирање“ во 2021 година, филм во кој неговиот Бонд загинува.

Кој ќе биде следниот 007?

По повлекувањето на семејството Броколи, контролата врз серијалот ја презеде „Amazon MGM“. Новиот филм ќе го режира Дени Вилнев, познат по „Дина“, а сценариото го пишува Стивен Најт, автор на „Пики Блајндерс“. Новиот филм нема да се надоврзе на „Нема време за умирање“, туку ќе почне сосема одново.

Името на новиот Бонд сè уште не е објавено, иако медиумите како фаворит го спомнуваат шкотскиот актер Џек Лоуден. Ако изборот падне на него, ќе биде првиот Шкотланѓанец во улогата по Конери. Продуцентката Ејми Паскал изјави дека крајот на годината е добар момент за објавување на изборот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс