Хакиран централниот регистар на Данска, компромитирани податоци на 8,8 милиони граѓани

Илегалниот упад преку приватна фирма овозможи пристап до матичните броеви и адресите на речиси целата популација.
Фото: © User:Colin / Wikimedia Commons

Непознати хакери добија илегален пристап до личните податоци на околу 8,8 милиони луѓе преку безбедносен пробив во централниот национален регистар на Данска, соопшти данското Министерство за дигитализација. Инцидентот бил откриен по регистрирана аномалија во текот на септември, а компромитираната база ги опфаќа имињата, адресите и матичните броеви на живи граѓани, иселеници и починати лица.

Истрагата утврди дека непознатите напаѓачи влегле во системот преку легалниот пристап што го поседувала приватна данска компанија. Овластувањата за тој пристап се веднаш поништени, но сторителите засега не се идентификувани.

Националната управа за регистрација (CPR) соопшти дека презела итни мерки за заштита на мрежата откако била алармирана за необична активност во базата.

Официјалниот регистар на Данска содржи податоци за вкупно 11 милиони граѓани. Покрај актуелните жители, евиденцијата чува досиеја и за сите кои некогаш живееле или се родиле во државата.

Министерството појасни дека лицата кои имаат статус на заштитено име или адреса не се засегнати со овој упад.

Данската министерка за дигитализација Кристина Егелунд инцидентот го оцени како исклучително сериозен.

„Заедно со сите релевантни институции, во процес сме на утврдување на целосниот опсег на инцидентот“, изјави Егелунд.

Истражните органи работат на утврдување на мотивите и евентуалната злоупотреба на преземените матични броеви, кои во данскиот систем претставуваат основа за идентификација во јавните и финансиските услуги.

е-Трн да боцка во твојот инбокс