Италија повеќе не ги признава македонските возачки дозволи

Рентакар компании одбиваат туристи со македонска возачка дозвола, а иселениците мораат повторно да полагаат за италијанска.

Македонски туристи оваа недела биле одбиени од рентакар компанија во Италија, откако фирмата добила налог да не изнајмува автомобили на возачи чија дозвола не е издадена во Европската Унија. Истовремено, македонските државјани со постојан престој во Италија веќе не можат да ја заменат домашната возачка дозвола со италијанска и мораат повторно да полагаат испит. Договорот меѓу двете држави за меѓусебно признавање на возачките дозволи формално постои, но во пракса не се применува.

Рентакар компаниите во Италија, според добиени налози отпред два-три месеци, не изнајмуваат автомобили доколку возачката дозвола на клиентот не е издадена во земја членка на ЕУ. Од корисниците се бара меѓународна возачка дозвола, бидејќи македонската не се наоѓа во нивниот каталог на прифатени специмени. Македонски турист во Италија изјавил дека граѓаните веќе се сликаат и скенираат по границите поради биометриски податоци, а сега им отпаѓа и важноста на возачката дозвола. Неофицијално, италијанските власти досега им прогледувале низ прсти на туристите, но и тоа сега е затегнато.

Проблемот не се однесува само на туристи. Македонски државјани со постојан престој во Италија веќе не можат да ја заменат македонската возачка дозвола со италијанска, туку мораат повторно да го положат возачкиот испит. Ова сериозно се одразува врз иселениците чии работни места зависат од управување со возило, некои од нив веќе ги губат работните места поради тоа.

Причината не е промената на името на државата. Станува збор за техничка некомпатибилност меѓу двата модела возачки дозволи, бидејќи македонската страна има додадено дополнителни категории, како земјоделски машини. Поради тоа италијанските власти бараат склучување целосно нов договор за признавање и замена на возачките дозволи, што повлекува повторување на целата административна постапка, вклучувајќи усогласување на документи и регулативи меѓу институциите. Откако постапката ќе заврши, автошколите и рентакар компаниите официјално ќе бидат известени.

На веб-страницата на МВР стои дека договорот меѓу двете држави формално постои, но во моментов во Италија не е возможна замена на возачки дозволи со Северна Македонија, додека возачките дозволи со поранешното име Република Македонија сè уште се заменуваат. Министерството за надворешни работи соопшти дека од македонска страна се исполнети сите формалности и дека се чека конечно одобрување од надлежните италијански институции, по што ќе следи потпишување на новиот договор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс