Осумте регистрирани случаи на Западнонилска треска во Македонија се само видливиот дел од многу поголем број можни инфекции, предупредува професорот по епидемиологија и биостатистика д-р Драган Даниловски.
„Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори“, пишува Даниловски во своја анализа.
Тој објаснува дека кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, околу 80 отсто од заразените немаат никакви симптоми. Кај околу 20 отсто се јавува треска и симптоми слични на други вирусни инфекции, најчесто со полесен тек.
Тешката невроинвазивна форма, која го зафаќа централниот нервен систем, се јавува кај помалку од еден процент од инфицираните. Ризикот е поголем кај повозрасни лица, луѓе со хронични заболувања и кај лица со ослабен имунитет.
„Токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика. Асимптоматските инфекции остануваат невидливи“, наведува професорот.
Според него, информацијата дека сите осум регистрирани пациенти имале тешка форма лесно може погрешно да се протолкува како дека вирусот кај сите заразени предизвикува сериозна болест или дека станал поагресивен, што не е точно.
Даниловски посочува и дека фактот што најголемиот дел од случаите се автохтони покажува дека вирусот ова лето циркулира локално, во природниот циклус птици – комарци – луѓе.
„Постои изложеност на населението, а во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, контролата на комарците и личната заштита од убоди“, предупредува тој.
Според епидемиологот, една бројка сама по себе не ја покажува вистинската состојба.
„Во епидемиологијата изолирана бројка не значи ништо. Нејзиното вистинско значење го добиваме кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа“, вели д-р Даниловски.