Пожарот на Жеден под контрола, чадот во Скопје постепено се намалува

Тетовските пожарникари спасија шума и лозја над селото Бојане по деноноќна интервенција на тешко пристапен терен.

Пожарот на планината Жеден, кој со денови беше активен и се префрли кон атарот на селото Бојане од скопска страна, денеска е ставен под целосна контрола. Интервенцијата на тетовските пожарникари спречи огнот да зафати шумски појас и локални насади, а надлежните најавуваат дека со смирувањето на стихијата значително ќе се намали и мирисот на чад што се чувствуваше низ делови од Скопје.

Екипите на Територијалната противпожарна единица од Тетово цел ден водеа битка со огнената стихија на тешко пристапен терен над селото Бојане. Командирот на ТППЕ Тетово, Авни Амети, посочи дека интервенцијата овозможила спасување на појасот со шума и земјоделското земјиште.

„Од сабајле се бориме овде и можам да кажам дека пожарот е изгаснат 90 отсто. Ја спасивме шумата што се наоѓа надолу, а спречивме и огнот да ги зафати лозјата и овоштарниците“, изјави Амети.

Тој упати апел до граѓаните за максимална претпазливост поради високите температури, посочувајќи дека единиците се соочуваат со голем притисок од 12 до 13 пожари дневно.

Огнената линија првично се разви од тетовската страна на планината Жеден, по што ветерот и сувата вегетација ја префрлија кон скопскиот регион. Ова предизвика интензивно ширење на чад над поголем дел од главниот град.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, најави спроведување хеликоптерско извидување на планинскиот масив за целосна проценка на состојбата. Според надлежните, поддршката од тетовските пожарникари била пресудна за стабилизирање на теренот, со што целосно е отстранета опасноста од понатамошно ширење кон населените места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс