Франција уапси 162 лица за подметнување пожари во рекордната сезона

Со над 116.000 изгорени хектари, властите го истражуваат човечкиот фактор и се соочуваат со екстремни огрени облаци.
Фото: EPA/SOPHIE GARCIA

Францускиот премиер Себастијан Лекорну објави дека од 6 јули досега се уапсени 162 лица поради предизвикување пожари, во овогодишната сезона во која веќе изгореа над 116.000 хектари. Според властите, дури девет од десет пожари во Франција се предизвикани од човечки фактор, преку невнимание или со умисла. Истовремено, пожарникарите на терен се борат со нови екстремни временски феномени, додека бран од пожари ги зафати и соседните региони во Португалија.

Франција се соочува со досега незабележана сезона на пожари, со регистрирани 13.566 пожари и изгорени 116.085 хектари. Со ова е надмината рекордната 2022 година, кога изгореа 72.000 хектари. Премиерот Себастијан Лекорну истакна дека девет од десет пожари ги предизвикуваат луѓе, најчесто поради невнимание со фрлени пикавци, правење скара или градежни работи. Сепак, дел се намерно подметнати, за што е предвидена казна затвор до 15 години. Од 6 јули досега се уапсени 162 лица.

Префектот на југоисточниот департман Вар, Симон Бабр, побара дополнителни безбедносни сили откако три нови пожари избија речиси истовремено кај Варажес, северно од големиот пожар Грос-Бесијон. Тој нагласи дека концентрацијата и тајмингот на пожарите на познати пожарни коридори од минатото не можат да бидат случајност. Пристапот до шумите е затворен, а властите истражуваат можна намерна саботажа. Големиот пожар кај Понтевес изби на 21 јули и доведе до евакуација на илјадници луѓе.

Покрај огнот, француските екипи се соочуваат и со пирокумулонимбуси, односно огнени облаци кои создаваат сопствен ветар и молњи што можат да разгорат нови жаришта. Францускиот истражувач Жан-Батист Филипи објаснува дека овој феномен, вообичаен за Португалија, Калифорнија и Австралија, станува реалност и во Франција поради климатските промени. Првпат беа забележани во 2022 година кај Ландирас, јужно од Бордо.

Париското обвинителство, во меѓувреме, отвори истрага за хакерски напад врз пет противпожарни и спасувачки служби во департманите Ен, Алпи на Горна Прованса, Приморски Алпи, Ланд и Марна. Извлечени се лични податоци, но функционалноста на службите не е нарушена. Засега нема потврда дали нападот е поврзан со пожарите.

Во меѓувреме, состојбата е драматична и во Португалија, каде што стотици пожарникари и авиони се борат со пожари кај Браганса, Гуарда и Сантарем, а за северниот и централниот дел е прогласена максимална опасност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс