Огнени облаци го зголемуваат ризикот во пожарите во Франција и Шпанија

Пирокумулонимбус, олујни системи кои произлегуваат од голем пожар, создаваат молњи и силен ветер и го отежнуваат гаснењето
Фото: Merrin Macleod, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Ескперти предупредуваат дека огнените облаци, познати како пирокумулонимбус, стануваат сè поголема опасност во големите пожари во Франција и Шпанија. Овие олујни системи се создаваат директно од пожарите и можат да произведат молњи и силни ветрови, што дополнително го отежнува гаснењето, пренесува Гардијан.

Pyrocumulonimbus, или скратено pyroCb, е голем систем што настанува директно од шумски пожар. Големите пожари ослободуваат огромна енергија и топлина, кои го подигнуваат чадот високо во атмосферата. Таму, поради понискиот притисок, воздухот се лади, влагата се кондензира и се формира облак што може да произведе молњи и силни ветрови.

Ако пожарот е исклучително голем и интензивен, чадот може да создаде pyrocumulonimbus кој е 10 до 15 километри во висина и пробива во стратосферата. НАСА ги опиша ваквите облаци како змејови што плукаат оган.

„Ова е вистинска грмотевична бура што настанува внатре во чадот,” изјави за Гардијан Рик Мекреј, вонреден професор на Универзитетот Нов Јужен Велс. „Овие системи зафаќаат околу 10.000 кубни километри атмосфера и затоа имаат огромно влијание.”

Зошто се опасни?

Кога ќе настане, пирокумулонимбусот може да создаде силни ветрови што го забрзуваат ширењето на пожарот на теренот, а движењето на огнот го прават непредвидливо. Тоа создава исклучително опасни услови за пожарникарите. Облакот понекогаш произведува и молњи, кои можат да предизвикаат нови пожари на оддалечени места.

„Неговата појава е потврда дека пожарот е многу опасен,” вели Мекреј, кој 30 години раководел противпожарни операции. „Тоа е доказ дека масовните евакуации биле оправдана и неопходна одлука.”

Австралија со овој феномен се соочува уште од почетокот на векот, а експертите наведуваат дека појавата станува сè почеста. Забележана е и во текот на големите пожари во Калифорнија во 2022 година, додека за Франција ова би можело да биде нова ситуација. Ако сомнежите се потврдат, ќе биде прв пат pyroCb официјално да биде забележан во Франција.

„Ова е прв пат Франција сериозно да треба да го разгледа концептот на pyroCb,” вели Мекреј и додава: „Прашањето не е дали го имале пред неколку дена, туку дали нов ќе се појави овој вторник или среда.”

Поврзаност со климатските промени

Климатските промени создаваат сè поопасни услови за пожари ширум светот, а со тоа и предуслови за настанување на pyrocumulonimbus. „Не се работи само за покачена температура. Ова се целосни климатски промени,” вели Мекреј. „Се менува атмосферата, времето при тлото и многу други работи.”

Експертите наведуваат дека климатските модели предвидуваат понатамошно зајакнување на овие трендови. Пожарите во Европа букнаа на врвот на туристичката сезона, во региони погодени од последователни топлотни бранови.

Шумските подрачја се исушени поради недостиг на дожд што трае од мај. Метеоролозите предвидуваат дека Франција од вторник можеби ќе биде зафатена од нов топлотен бран со температури до 40 степени. „Голема маса топол воздух ќе се преместува од подрачјето на Чешка во текот на четири до пет дена,” заклучува Мекреј.

е-Трн да боцка во твојот инбокс