Пожарникарите го совладаа огнот на Пелистер, активни жаришта кај Врапчиште и Штип

По тридневна борба локализирана огнената линија на Пелистер, додека екипите се борат со нови пожари во четири општини.
Фото: ДЗС

Големиот шумски пожар кој пред три дена изби во подножјето на планината Пелистер од преспанската страна е ставен под целосна контрола по ноќната акција на копнените сили и утринската интервенција на армиски хеликоптер. Истовремено, пожарникарите интервенираат на уште неколку активни пожари на отворен простор, со најсериозна состојба во општините Врапчиште, Боговиње, Штип и Струга.

Пожарот што зафати борова шума на Пелистер е совладан откако професионалните пожарникари од Битола и Ресен, заедно со тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и доброволци од Битола, Кочани и Виница, интервенираа директно на огнената линија во текот на ноќта.

За запирање на ширењето помогна механизација од компанијата „Бехтел и Енка“, со која беше направена противпожарна пресека. На критичните точки каде што пламените јазици ја преминаа пресеката, утрово дејствуваше армиски хеликоптер исфрлајќи три тони вода, по што пожарот беше целосно ставен под контрола. Екипите остануваат на терен за догаснување на внатрешноста на опожарениот простор.

Во општина Врапчиште, пожарот во атарот на село Градец повеќе не претставува директна закана за куќите благодарение на гостиварските пожарникари и прецизните налетите на полицискиот хеликоптер. Огнот на оваа локација сè уште е активен и се работи на негово целосно опколување.

На Шар Планина, активен е пожар во атарот на селото Јеловјане во општина Боговиње, каде што гори ниска вегетација и папрат. Огнената линија се движи кон земјен пат, каде што локалните екипи и населението очекуваат целосно да го пресечат нејзиното ширење во текот на ноќта.

Ново жариште изби на територијата на општина Штип, меѓу селата Селце и Пухче, каде што штипските пожарникари веќе се на терен. Овој терен на планината Серта носи висок ризик поради густите грмушки, ниската сува вегетација и постојаниот ветер што го забрзува пламенот.

Сложена останува состојбата и во струшкиот регион, во атарот меѓу селата Октиси и Вишни, каде што дејствуваа ер-тракторите на ДЗС. Поради исклучително негостољубивиот и тешко пристапен терен, движењето на пожарникарите е отежнато, но огнот засега не претставува опасност за населените места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс