Пожарот кај Бордо повторно се засилува, лозјата го чуваат градот

ЕК ги опиша лозјата околу Бордо како неочекуван сојузник против пожарите, пред нов топлотен бран во среда.
Фото: EPA/SDIS33

Пожарот во француската покраина Жиронда, кај Бордо, во последните часови повторно се засили, особено во областа Лег-Кап-Ферет и плажата Гран Крохо, соопштија локалните власти. Пожарот досега уништил 42.000 хектари и 240 куќи, а еден волонтер загина. Европската комисија ги опиша добро одржуваните лозја во регионот како „неочекуван сојузник“ во борбата против пожарите, бидејќи го успоруваат нивното ширење.

Пожарот западно од Бордо, во областа Лег-Кап-Ферет, силно се разгоре во близина на плажата Гран Крохо, објавија локалните власти во Жиронда. Ангажирани се авиони за гаснење, а противпожарните раседи се проширени за да се заштити подрачјето. Наредбата за евакуација останува на сила, а властите предупредија дека е клучно жителите да не се враќаат на теренот.

Пожарот сè уште е околу 15 километри од централното градско подрачје на Бордо, кај Мартињас-сир-Жал. Градоначалникот на Бордо, Тома Казнав, изјави дека евакуација на самиот град „не е на дневен ред“.

Бордо и околината се познати по лозјата и виното, а Европската комисија ги опиша како „неочекуван сојузник“ во борбата против шумските пожари, пренесе BBC. Кристоф Шато од Советот за вино на Бордо изјави дека пожарите досега не зафатиле ниту еден лозов насад во регионот, но постои страв од промена на ситуацијата бидејќи, како што рече тој, пожарот „се движи прилично брзо и секој ден го менува правецот“.

Добро одржуваните лозја можат да го успорат ширењето на пожарот бидејќи ги прекинуваат големите површини густа вегетација што служи како гориво. И покрај тоа, лозјата не се отпорни на силни пожари, а чадот од шумските пожари може да влијае на вкусот на виното, во зависност од фазата на вегетацискиот циклус на лозата.

Во Жиронда до утрово изгореле уште 500 хектари, но пожарникарите наведуваат дека изминатиот ден бил поповолен и дека новите жаришта во најголем дел се под контрола. Пожарот досега уништил 240 куќи, а вкупно се повредени 88 пожарникари. На теренот се ангажирани 2750 пожарникари, 1500 војници и 1440 припадници на безбедносните сили. Загина еден волонтер на возраст од 38 години.

Префектката на регионот Нова Аквитанија, Софи Брока, изјави дека состојбата е „стабилизирана“, но предупреди дека борбата продолжува. Таа истакна дека пожарот не се шири и покрај поединечни локални проблеми, но дека регионот сè уште не е надвор од опасност.

Регионите Жиронда и Ланд од утре ќе бидат под жолто предупредување поради топлотен бран. Météo-France најавува температури кои во среда би можеле да достигнат 40 степени Целзиусови, а ветрот се очекува да биде послаб, но посув, што дополнително ја зголемува опасноста од ширење на пожарот.

Францускиот претседател Емануел Макрон го опиша ова како најтешката криза предизвикана од пожари во Франција од Втората светска војна, и предупреди дека наредните денови ќе бидат тешки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс