Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за ново зголемување на цените на горивата, која ќе почне да се применува од полноќ.
Според одлуката, цената на дизелот се зголемува за 2,5 денари по литар, додека бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 поскапуваат за 1 денар по литар.
Со новата пресметка, Еуросупер БС-95 ќе се продава по 85 денари за литар, Еуросупер БС-98 по 87 денари за литар, а Еуродизел (Д-Е V) ќе чини 89,5 денари за литар. Цената на екстра лесното масло за домаќинство исто така се зголемува за 2,5 денари по литар, додека цената на мазутот е коригирана согласно методологијата на РКЕ.
Регулаторната комисија посочува дека новите цени се утврдени врз основа на движењата на референтните цени на светските пазари на нафта и промените на курсот на американскиот долар во однос на денарот, согласно важечката методологија за формирање на малопродажните цени на нафтените деривати.
Новите цени ќе важат до следната редовна одлука на РКЕ, освен доколку поради значителни промени на светските пазари не биде донесена вонредна корекција.