Обилните монсунски дождови предизвикаа поплави и свлечишта во северниот и североисточниот дел на Индија, при што загинаа најмалку 25 лица. Властите предупредуваат дека врнежите ќе продолжат и во наредните денови, што го зголемува ризикот од нови катастрофи.
Во индискиот дел на Кашмир, најмалку 15 лица ги загубија животите во повеќе одделни инциденти поврзани со обилните дождови во областите Пунч, Раџури и Дода. Локалните власти соопштија дека неколку лица сè уште се водат како исчезнати, а спасувачките екипи продолжуваат со потрагата.
Во североисточната држава Нагаланд, свлечишта предизвикани од силните дождови однесоа девет животи. Спасувачките тимови досега пронашле четири тела, додека операциите на терен продолжуваат.
Во соседната држава Асам, едно лице загинало во поплавите, а повеќе од 57.000 жители во седум окрузи се погодени од поројните дождови и излевањето на реките.
Индиската метеоролошка служба предупреди дека активниот монсун ќе се задржи во северозападните, источните и североисточните делови на земјата во следните шест до седум дена, поради што се очекуваат нови врнежи и можни дополнителни поплави и свлечишта.