Големи поплави во Чиле: загинаа 13 лица, по седум сè уште се трага

Обилните дождови во Чиле предизвикаа големи поплави во кои загинаа 13 лица, а седум се водат како исчезнати. Илјадници луѓе се евакуирани, а десетици илјади останаа без струја.

Најмалку 13 лица загинаа во големите поплави што го погодија Чиле по обилните дождови кои од средината на јули зафатија голем дел од земјата. Уште седум лица се водат како исчезнати, јави Reuters.

Невремето го погоди подрачјето од централниот до јужниот дел на Чиле, предизвикувајќи поплави, затворање патишта и голема материјална штета.

Според податоците на службата за итни случаи Senapred, 2.281 лице морале да ги напуштат своите домови.

Уништени куќи, затворени патишта и илјадници без струја

Во поплавите целосно се уништени 81 куќа, а уште 2.761 дом се тешко оштетени.

Околу 87.000 луѓе останале без електрична енергија, додека властите работат на расчистување на последиците од невремето и обновување на основните услуги.

Чилеанските власти предупредуваат дека опасноста сè уште не е помината, бидејќи поради повеќедневните врнежи и понатаму постои ризик од раст на водостојот на реките и потоците.

Владата најавува постапки против електродистрибутерите

Министерот за внатрешни работи Клаудио Алварадо изјави дека владата планира да покрене постапки против дистрибутерите на електрична енергија поради доцнење во обновувањето на снабдувањето.

Наставата е прекината во училишта во повеќе општини во четири региони, а дел од рударските активности се привремено намалени поради лошите временски услови.

Властите продолжуваат со потрагата по исчезнатите лица и со проценка на штетите во погодените подрачја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс