Полицијата добива и медицински задачи – ќе проверуваат боледувања

Фондот за здравство најави упади по домовите и кратење на деновите кај матичните, а во сомнежите за лажни дијагнози се вклучува и полицијата.

Матичните лекари ќе можат самостојно да отворат боледување до пет наместо досегашните седум дена, а инспекторите на Фондот за здравствено осигурување и полицијата ќе влегуваат во домовите на работниците за да проверат дали навистина лежат болни. Ова следува по најавите за драстично стеснување на правилата за отсуство од работа, мерка со која институциите сакаат да ги сосечат злоупотребите, но која веќе предизвика отпор кај синдикатите и дел од здравствените работници.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Златко Перински, најави нов пакет ограничувања според кој матичните лекари без дополнителни критериуми ќе смеат да пропишат отсуство од најмногу пет работни дена. Сите подолги отсуства ќе мора да поминат низ построга електронска евиденција и лекарски комисии.

Најголемото поместување во практиката е најавата за директни теренски проверки. ФЗО планира да воведе вонредни контроли директно во домот на осигуреникот додека трае боледувањето. Во случаите каде што постои сомневање за организирано заобиколување на правилата, Фондот ќе спроведува заеднички акции со Министерството за внатрешни работи.

Вклучувањето на МВР доаѓа откако самото министерство побарало внатрешен филтер. Според податоците од контролата што ФЗО ја спроведе во втората половина на 2025 година, биле чешлани досиејата на 80 вработени во полицијата со вкупно 514 отворени боледувања. Резултатот покажа неправилности кај речиси 37 проценти од контролираните полициски службеници.

Од сите проверени боледувања во МВР, точно 100 биле оценети како неправилно или неуредно издадени. Проверката опфати 105 приватни здравствени установи. Меѓу фрапантните примери влезе и случај на вработен кој за година и половина четири пати го сменил матичниот лекар за да врзува последователни отсуства со различни дијагнози.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека злоупотребите се раширени и во јавниот и во приватниот сектор. Тој посочи дека полицијата мора да постапува при сомнежи за криминал, но побара при контролите строго да се почитуваат основните граѓански слободи.

Синдикалните организации и лекарската фела реагираат дека државата го решава системскиот проблем преку казнување на сите граѓани. Намалувањето на прагот од седум на пет дена, според општите лекари, само ќе создаде редици и бирократски притисок врз комисиите, додека вистински болните ќе чекаат со денови за продолжување на терапијата.

Финансискиот товар останува огромен. Само во август ФЗО исплатил 623,1 милиони денари за надоместоци поврзани со боледувања, при што 414 милиони денари отишле за породилни отсуства. Надлежните тврдат дека кратењето на процедурите нема да ги оштети пациентите кои имаат реална потреба од лекување, но најавите за полициски надзор над дијагнозите оставаат простор за сериозен судир меѓу здравствената заштита и репресивниот апарат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс