Шест министри од Владата на Србија, синот на претседателот Данило Вучиќ и раководството на Република Српска присуствуваа денеска на погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ во Белград. Припадници на Војската на Србија го носеа ковчегот поставен на воен лафет и испукаа почесен вод. И покрај ваквиот декор, Европската комисија оцени дека погребот поминал без официјални државни почести.
Иако погребот формално не беше прогласен за државен настан, испраќањето на Младиќ содржеше обележја на официјален протокол. Ковчегот, покриен со знамињата на Србија и на Република Српска, го носеа униформирани припадници на Војската на Србија сè до гробното место, каде што почесен вод испука три плотуни.
На гробиштата пристигнаа министерот за одбрана Братислав Гашиќ, министерот за правда Ненад Вујиќ, министерот за култура Никола Селаковиќ, министерот за јавни инвестиции Дарко Глишиќ, министерката за труд Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски и министерот без ресор Ненад Поповиќ. Заедно со нив присуствуваше и Данило Вучиќ, синот на српскиот претседател Александар Вучиќ, како и политичкиот врв од Бања Лука предводен од Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ.
Европската комисија излезе со став дека погребот сепак не добил официјален државен карактер. Портпаролката на Комисијата, Паула Пињо, посочи дека Брисел имал сознанија за поинакви планови на официјален Белград.
„Слушнавме дека беше предвиден погреб со државни почести, но тоа не се случи“, рече Пињо пред новинарите, претставувајќи ја промената како резултат на европскиот дипломатски притисок.
Телото на Младиќ претходно беше пренесено од Хаг во Белград со авион на Владата на Србија, а комеморацијата за поранешниот воен командант се одржа во просториите на Домот на Војската на Србија.