ХЕРА предупредува на назадување на човековите права и родовата еднаквост во Македонија

Отстранување на родовата еднаквост од образовното законодавство, слаба заштита од насилство и дискриминација и растечко влијание на антиродовите движења се дел од проблемите што ХЕРА ги издвојува, повикувајќи се на извештајот на Европскиот економски и социјален комитет.

Северна Македонија назадува во повеќе области поврзани со човековите права, вклучително и во родовата еднаквост, предупредува ХЕРА во соопштение по повод објавувањето на извештајот на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) за фундаменталните права и владеењето на правото.

Извештајот е подготвен по мониторинг-посетата на земјата во март 2026 година и ги вклучува искуствата и согледувањата на граѓанското општество. Според ХЕРА, тој укажува на сериозни предизвици во заштитата на човековите права, борбата против дискриминацијата и функционирањето на демократските институции.

Родова еднаквост под притисок

Од организацијата особено ги издвојуваат предупредувањата на граѓанските организации за назадување во образованието и за влијанието на антиродовите движења врз институционалните одлуки.

Според соопштението, отстранувањето на родовата еднаквост од образовното законодавство во извештајот се оценува како чекор назад во заштитата од дискриминација и во создавањето инклузивно образование.

ХЕРА посочува и на зголеменото присуство на антиродовите движења во јавниот дискурс и во консултациите со пратеници за законски решенија. Организацијата оценува дека институционалното одговарање на ваквите ставови отвора сериозни прашања за демократските принципи при носењето политики за човекови права.

Недоволна заштита од насилство и дискриминација

Меѓу проблемите што ХЕРА ги издвојува се дискриминацијата и говорот на омраза кон жените и ЛГБТИ луѓето, бавните судски постапки и слабата институционална реакција.

Во областа на родово базираното насилство, организацијата укажува на недоволна институционална поддршка, благи санкции и ограничен пристап до специјализирани услуги за жртвите.

Дополнително, според ХЕРА, ширењето антидемократски наративи и дезинформации, недоволното јавно финансирање на граѓанските организации и нивното ограничено учество во носењето одлуки ја ослабуваат демократската отпорност.

ХЕРА бара конкретни институционални мерки

Организацијата повикува на враќање на родовата еднаквост во образовните политики, доследна примена на законите за заштита од дискриминација и поефикасна заштита од родово базирано насилство.

Меѓу барањата се и одржлива поддршка за граѓанските организации и воспоставување механизми за отпорност на дезинформации и штетни наративи од страна на националните безбедносни служби.

За ХЕРА, овие наоди се предупредување дека назадувањето во човековите права ја оддалечува земјата од европската интеграција. Организацијата порачува дека приближувањето кон ЕУ мора да се покаже преку вистинска заштита на правата, еднаквост и демократски институции отпорни на притисоци.


Целосниот извештај на ЕЕСК е достапен на овој линк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс