Бед Бани го менува шпанскиот јазик со зборовите од улиците на Порторико

Додека критичарите му забележуваат на изговорот, Бед Бани го носи порториканскиот говор до публика што не мора ни да разбира шпански за да ги слуша неговите песни.
Бед Бани со очила за сонце и црвено-црна кошула пред розова заднина.
Фото: Glenn Francis, 2019 / заднина проширена со ВИ.

Лурдес Морено Касалја од Универзитетот „Небриха“, во анализа за The Conversation, објаснува дека успехот на музичарот ги разнишува претставите за „правилен“ шпански јазик.

Неговиот локален сленг, испуштањето согласки и мешањето со зборови од англиско потекло често се предмет на потсмев. Но, според авторката, токму тие особености стануваат глобално препознатливи. Зборот „piquete“, на пример, во неговите песни означува самодоверба, став и стил.

Наместо да го приспособи говорот кон меѓународниот пазар, Бед Бани покажува дека и локалниот акцент може да освои светска публика.

Анализата отвора и дилема: дали популарноста на порториканскиот говор создава простор за јазична разновидност или ги потиснува другите латиноамерикански дијалекти?

Основната теза на Касалја е дека неговиот успех сведочи за виталноста на шпанскиот јазик. Музиката го шири и говорот што долго бил третиран како помалку вреден.

Поширокото значење на овој успех е и културно. Според Касалја, Бед Бани покажува дека за меѓународен пробив не мора да се откажеш од локалниот идентитет. Неговиот акцент и зборовите од порториканското секојдневие стануваат дел од привлечноста на музиката. Публиката се приближува до неговиот јазичен свет, дури и кога не го разбира секој стих.


Авторката потсетува и дека Порториканската академија за јазик во февруари 2026 година го одликувала за придонесот во глобалното ширење на шпанскиот јазик. Признанието го вреднува токму неговото надминување на предрасудите кон уличниот и младинскиот говор. Во тоа е и суштината на анализата: она што дел од критичарите го слушаат како расипување на јазикот, за милиони слушатели е прва средба со неговата разновидност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс