Search

Поголемиот дел од отпадот од храна во ЕУ не се создава во рестораните или домовите

Отпадот од храна создаден при преработка и производство треба да се намали за 20 отсто до 2030 година во земјите-членки на ЕУ, се вели во амандманот усвоен од пратениците на Европскиот парламент. Тоа е за 10 отсто повеќе од минатогодишниот предлог на Европската комисија.

За малопродажбата, рестораните и домаќинствата, утврдена е цел на намалување од 40 проценти по жител, што е повисоко од предложените 30 проценти.

Дополнително, Комисијата е должна да ја процени можноста за воведување уште поамбициозни цели за 2035 година, а тоа се најмалку 30 отсто намалување на производството и 50 отсто намалување на малопродажбата, рестораните и домаќинствата.

Известувачот Ана Залевска истакна дека Собранието предложи насочени решенија за намалување на фрлањето храна, како што се промовирање на „грдото“ овошје и зеленчук, следење на нефер пазарни практики, разјаснување на означување на датумот и донирање непродадена, но за јадење храна.

Сепак, иако парламентот усвои поамбициозна цел од предлогот на Комисијата, Коалицијата против фрлање храна, која ја сочинуваат 65 организации од 22 земји, смета дека тоа не е доволно.

„Резултатот е во спротивност со претходните обврски на Европскиот парламент за намалување на отпадот од храна за 50 отсто во фазата „од фарма до вилушка“, што е предвидено со Зелениот договор на ЕУ и Целите за одржлив развој на ОН“, велат од Коалицијата.

Организацијата Too Good To Go, која поврзува поединци со ресторани и продавници за користење на вишокот храна, дели сличен став. Како што предупредуваат, и предлогот на Комисијата и ставот на Парламентот поставуваат многу пониска цел за производство и преработка на храна и целосно изоставуваат преземање мерки против загубите и отпадот на храна на ниво на фарма.

„Податоците на Евростат покажуваат дека најмалку 11 отсто од храната се губи на ниво на примарно производство. Во меѓувреме, повеќето загуби на храна се исклучени од мерењето на отпадот од храна во ЕУ. Ова итно треба да се коригира, бидејќи сегашните проценки сугерираат дека до 90 милиони тони, или 60 отсто од отпадот од храна во ЕУ, може да се случи на фармите“, забележува организацијата.

Извор: Циркуларна економија

Најново

Последни колумни