Бензините би можеле да се намалат за околу четири денари по литар, а дизелот за околу седум денари, по падот на цената на нафтата на светските берзи.
Владата очекува од понеделник да има ново намалување на цените на горивата. Според владините пресметки, бензините би можеле да поевтинат за околу четири денари по литар, додека цената на дизел-горивото би можела да се намали за околу седум денари по литар.
Од Владата испратија нова порака до Регулаторната комисија за енергетика, посочувајќи дека движењата на светските берзи создаваат простор за пониски цени на дериватите.
Овие очекувања доаѓаат по последните дипломатски поместувања на Блискиот Исток и отворањето на Ормускиот Теснец, што влијаеше врз смирување на енергетските пазари.
Цената на суровата нафта на референтните берзи моментално се движи околу 80 долари за барел, а пазарите веќе реагираат на најавите за договор меѓу завојуваните страни во регионот.
Конечната одлука за новите цени на горивата треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика во понеделник.