Плажа во Хрватска загадена со фекалии

При редовното испитување на квалитетот на морската вода е утврдено зголемено присуство на бактеријата Ешерихија коли

Загадување на морето со фекалии денеска е регистирано на плажа во местото Стон во јужна Хрватска.

Поради таквата состојба, надлежните институции апелираат граѓаните и туристите да не влегуваат во вода сè до добивање нови резултати од анализите.

Според соопштението на Дубровничко-неретванската жупанија, при редовното испитување на квалитетот на морската вода е утврдено зголемено присуство на бактеријата Ешерихија коли (Escherichia coli), што укажува на краткотрајно фекално загадување.

Надлежните најавија дека ќе продолжат со повторно земање мостри од морската вода сè додека не се потврди дека загадувањето е целосно отстрането и водата повторно е безбедна за капење.

За случајот се известени Инспекторатот за заштита на животната средина и другите надлежни инспекциски служби, кои ќе ги преземат потребните мерки за утврдување на причините за загадувањето.

Анализите ги спровел Институтот за јавно здравје на Дубровничко-неретванската жупанија, кој соопшти дека измерените вредности ја надминуваат дозволената граница за безбедно капење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс