Каде најмногу пораснале платите во Европа од 2020 година?

Бруто-платата по час во ЕУ номинално пораснала за 21,9 проценти од 2020 до 2025 година, но поради инфлацијата реалните плати во просек паднале за 3 проценти.

Бруто-платата по час во Европската Унија пораснала од 21,5 евра во 2020 година на 26,2 евра во 2025 година, што претставува номинален раст од 21,9 проценти. Но, кога ќе се земе предвид инфлацијата, која во истиот период изнесувала 25,6 проценти, реалните плати во ЕУ всушност се намалиле за 3 проценти.

Тоа значи дека, иако платите на хартија растеле, куповната моќ на граѓаните во Европската Унија во просек се намалила, пишува „Еуроњуз“ во анализа базирана на податоци од Евростат.

Од 30 анализирани европски земји, реалните плати пораснале во 18, а се намалиле во 12. Анализата се темели на бруто-плати изразени во национални валути.

Најголем раст има Бугарија, каде реалните плати од 2020 до 2025 година кумулативно пораснале за 37,4 проценти. На тоа влијаел и законот од 2023 година, според кој минималната плата мора да изнесува најмалку 50 проценти од просечната бруто-плата.

Меѓу земјите со најголем раст е и Хрватска, со реален раст од 21,1 процент. Идентичен раст бележи Литванија, додека Србија е уште повисоко, со 25,4 проценти.

Забележливо е дека земјите со најсилен раст во 2020 година не биле членки на еврозоната. Значаен реален раст имаат и Романија со 19,7 проценти, Унгарија со 18,8 проценти и Полска со 17,8 проценти.

Во рамки на еврозоната, најголем раст на реалните плати бележат Словенија со 14,4 проценти, Латвија со 10,6 проценти и Грција со 8,6 проценти.

Во половина од анализираните европски земји, реалните плати се движеле во релативно мал опсег, од пад од 5 проценти до раст од 5 проценти.

За да растат реалните плати, номиналниот раст мора да биде поголем од инфлацијата. Но, големите разлики меѓу земјите се објаснуваат и со таканаречениот ефект на „стигнување“. Земјите со пониски плати полесно бележат висок процентуален раст.

На пример, Бугарија и во 2025 година имала најниска бруто-плата по час во Европа, од 10,5 евра. Економски е полесно платата да порасне од 5,7 евра во 2020 година на 10,5 евра во 2025 година, отколку во Германија да се постигне раст од 28,6 на 34,5 евра.

Според номиналниот раст, најголеми зголемувања од 2020 година имале Бугарија со 84,2 проценти, Унгарија со 82,7 проценти и Романија со 73,1 процент. Но овие земји истовремено имале и многу висока инфлација: 34,1, 53,7 и 44,6 проценти.

Од друга страна, Италија имала најнизок номинален раст на платите, од 9,5 проценти, по што следуваат Малта со 13,3 проценти и Франција со 14,1 процент. Иако инфлацијата во овие земји била под просекот на ЕУ, растот на платите не успеал да ја следи.

Големите разлики во висината на платите и натаму остануваат. Во 2025 година најниска бруто-плата по час имала Бугарија со 10,5 евра, додека највисока имал Луксембург со 49,7 евра.

Платите генерално остануваат највисоки во северна и западна Европа, а најниски во источниот дел од континентот. Јазот е видлив и меѓу најголемите економии на ЕУ: во Германија бруто-платата по час во 2025 година изнесувала 34,5 евра, додека во Шпанија била 19,5 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни