Кои се 10-те градежни компании што добиле тендери за половина милијарда евра?

Според анализата на ЦГК институциите ретко ги користат банкарските гаранции и договорните казни како механизми за санкционирање на изведувачите кои не ги почитуваат преземените обврски.

Кога една улица се реконструира со месеци подолго од предвиденото, кога на новоизграден пат се појавуваат оштетувања или кога јавен објект чини повеќе од првично договореното, последиците ги чувствуваат граѓаните. Не само преку нарушеното секојдневие, туку и преку парите што ги издвојуваат за полнење на државниот и општинските буџети.

За пет години, од 2021 до 2025 година, институциите во Македонија склучиле договори за градежни работи вредни 1,5 милијарда евра. Но, додека расте сумата што се издвојува за градежни проекти, конкуренцијата меѓу компаниите се намалува, договорите дополнително се менуваат, а контролата врз изведените работи покажува сериозни слабости.

Ова го открива најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), кое опфаќа 9.335 договори за јавни набавки на градежни работи.

Повеќе јавни пари, помалку избор

Во 2021 година на еден градежен тендер во просек пристигнувале пет понуди. Четири години подоцна, нивниот број се намалил на три.

Уште позагрижувачки е податокот за вредноста на договорите склучени без конкуренција. Ако во 2021 година на тендери со само еден понудувач биле доделени 38 милиони евра, во 2025 година оваа сума достигнала 141 милион евра.

Тоа значи дека за само четири години вредноста на договорите доделени без можност за споредба со друга понуда се зголемила за 103 милиони евра.

За граѓаните, конкуренцијата на јавните набавки не е само административна формалност. Таа е еден од механизмите преку кои институциите можат да обезбедат подобра цена и квалитет за парите што ги трошат.

Според ЦГК, растот на тендерите со еден понудувач сигнализира зголемен ризик од договарање, приспособување на тендерските спецификации за одредени компании и предвидлив исход на постапките.

Половина милијарда евра за десет компании

Од вкупно 1,5 милијарда евра за градежни работи, околу половина милијарда се распределени кај само десет компании.

На листата се „Стентон Градба“ од Битола, „Жикол“ од Струмица, „Илинден“ од Струга, „Гранит“, „Бауер БГ“, „Ју-Бај 2“, „Битем“, „Ленди Груп“ и „Зобек Мининг“ од Скопје, како и „НБ-Компани“ од Тетово.

Концентрацијата на договорите сама по себе не значи дека компаниите работеле незаконски. Но, во услови на намалена конкуренција, таа отвора прашања за пристапот на другите градежни компании до јавните набавки.

Истражувањето покажува дека дел од институциите поставуваат специфични услови за учество на тендерите, барајќи сопствени лаборатории, асфалтни и бетонски бази, конкретна опрема и однапред прецизно определени кадровски капацитети.

Таквите барања можат да бидат оправдани со сложеноста на проектот, но можат и значително да го стеснат кругот на потенцијални понудувачи, особено на помалите градежни компании.

Колку навистина чини она што го добиваат граѓаните?

Цената по која е добиен тендерот не секогаш е и конечната цена на градежниот проект.

Во анализираниот период биле направени околу 2.500 измени на договорите. Се продолжувале роковите, се зголемувала вредноста на договорите, се менувале обемот и условите за изведба.

За граѓаните тоа може да значи подолго чекање за реконструкција на улица, за изградба на училиште или за завршување на инфраструктурен проект, но и дополнителни расходи од јавните буџети.

Секое непредвидено зголемување на цената на еден проект потенцијално остава помалку средства за други јавни потреби.

Дополнително, институциите ретко ги користат банкарските гаранции и договорните казни како механизми за санкционирање на изведувачите кои не ги почитуваат преземените обврски.

Според истражувањето, за значителен дел од градежните проекти не може со сигурност да се утврди ниту нивниот статус, поради недостигот од целосни и навремени информации во системот за јавни набавки.

А кој проверува што е изградено?

Граѓаните не можат самостојно да проверат дали асфалтот е поставен според пропишаните стандарди, дали во јавните објекти се вградени договорените материјали или дали фактурираните градежни работи навистина се изведени во предвидениот обем.

Токму затоа постои стручен надзор, кој исто така се плаќа со јавни пари.

Но, истражувањето на ЦГК покажува дека дури 91 процент од вредноста на договорите за градежен надзор е концентриран кај десет компании, а повеќе од 61 процент кај само две.

Според ЦГК, ваквата концентрација го зголемува ризикот од зависност, судир на интереси и недоволно независна контрола.

Истражувањето посочува и дека кај дел од градежните проекти набрзо по завршувањето се појавуваат недостатоци, додека надзорот сè почесто се сведува на формално потврдување на состојбата на терен.

Доколку недостатоците не се отстранат на товар на изведувачот, постои ризик граѓаните повторно да платат за санација на нешто што веќе еднаш го финансирале.

Кога се ближат избори, растат и градежните тендери

Потребите за подобри улици, водоводи, канализација, училишта и друга јавна инфраструктура постојат во текот на целиот изборен мандат. Сепак, истражувањето покажува дека вредноста на градежните тендери значително расте во изборните години, особено кога се одржуваат локални избори.

ЦГК предупредува дека ваквата динамика носи ризик од злоупотреба на јавните ресурси за изборни цели.

Податоците не докажуваат дека секој проект започнат пред избори е политички мотивиран, но отвораат прашање дали динамиката на јавните инвестиции се определува според реалните потреби на населението или според изборниот календар.


На крајот, суштинското прашање не е само кои компании ги добиле тендерите и колку заработиле. Прашањето е што добиле граѓаните за своите 1,5 милијарда евра, колку од проектите се завршени навреме, колку се квалитетно изведени и кој сноси одговорност кога договореното не е исполнето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс