Таткото на Меган Маркл обвинет за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца

Федерална голема порота во Лос Анџелес подигна обвинение по две точки против 82-годишниот Томас Маркл, кој се наоѓа во притвор во Флорида и се соочува со затворска казна до 20 години.

Томас Маркл, таткото на војвотката од Сасекс, Меган Маркл, со кого таа веќе подолго време не е во контакт, е обвинет за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца. Против 82-годишниот Маркл е подигнато обвинение по две точки од страна на Федерална голема порота во Лос Анџелес.

Како што соопшти Бил Есејли, прв помошник на американскиот обвинител за Централниот округ на Калифорнија, Маркл се наоѓа во федерален притвор во Флорида и се соочува со законски предвидена максимална казна од 20 години федерален затвор, додека истрагата продолжува. Тој беше уапсен претходно овој месец во близина на Тампа, Флорида, по што случајот го презеде Федералното истражно биро (ФБИ).

„Господинот Маркл е обвинет дека поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца, вклучително и фотографии на кои е прикажан со малолетни девојчиња. Овие обвинувања се исклучително сериозни и ќе го гониме господинот Маркл со сите средства што ги предвидува федералниот закон“, изјави Есејли.

Случајот беше отворен откако неговиот син, Томас Маркл помладиот, на 22 октомври за британски „Сан“ изјави дека во кутии во домот на неговиот татко на Филипините пронашол компромитирачки материјали и ги пријавил кај надлежните органи. Томас Маркл постариот ги отфрли ваквите тврдења, оценувајќи ги како невистинити и наведувајќи дека е шокиран и вознемирен од обвинувањата на својот син.


Сепак, според судските извештаи, со независна психијатриска процена спроведена на 19 ноември е утврдено дека 82-годишниот Маркл е процесно способен и има доволна свест да ја разбере природата и последиците од обвинувањата против него.

е-Трн да боцка во твојот инбокс