Петта жртва од западнонилска треска: На Инфективна почина 73-годишен скопјанец

Пациентот имал сериозни претходни заболувања и десет дена бил хоспитализиран, додека надлежните апелираат на заштита од комарци.

Седумдесет и тригодишен маж од Скопје е петтата жртва на западнонилска треска во земјава, откако по десетдневна хоспитализација починал на Клиниката за инфективни болести. Информацијата ја потврди директорот на установата, д-р Фадил Цана, посочувајќи дека пациентот имал тешки хронични заболувања, меѓу кои кардиоваскуларни проблеми и дијабетес. Досега во земјата се регистрирани вкупно пет смртни случаи поврзани со вирусот што го пренесуваат комарците.

Според податоците од клиниката, кај починатиот пациент инфекцијата предизвикала тешка клиничка слика поради претходно нарушеното здравје. Лекарите наведуваат дека вирусот најчесто минува со благи симптоми или целосно незабележано, но кај повозрасните лица и хронично болните може да доведе до воспаление на мозокот и други фатални компликации.

Во моментов на инфективните одделенија нема нови пациенти со животоопасни симптоми од овој вирус, но епидемиолозите предупредуваат дека сезоната на комарци сè уште трае.

Епидемиолошките служби потсетуваат дека за западнонилската треска нема специфичен лек ниту вакцина, па затоа превенцијата останува главна заштита.

Граѓаните се советуваат да користат средства за заштита од инсекти, да поставуваат мрежи на прозорците и да избегнуваат задржување на отворено во периодите на најголема активност на комарците, односно рано наутро и во самрак. Дополнително, се препорачува редовно празнење на садовите со застоена вода во дворовите и терасите каде што инсектите се размножуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс