Препевите на Ана Пејчинова, Даниела Спироска, Ели Пујовска, Игор Радев и Никола Ѓелинчески влегоа во финалната селекција за преведувачката награда „Драги“ 2026, соопшти жири-комисијата на 6 октомври во Скопје. Наградата за првпат годинава се доделува исклучиво за препев на поетско дело, а победникот ќе биде прогласен на свеченост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Жирито во состав Иван Џепароски (претседател), Владимир Цветкоски и Јана Михајловска ја донесе одлуката по третиот круг на селекција. Финалната петорка препејувачи е подредена по азбучен ред.
Ана Пејчинова е номинирана за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг во издание на „Полица“. Даниела Спироска влегува во финалето со „Песни“ од Дилан Томас, препев од англиски во издание на „ПНВ Публикации“. Ели Пујовска е селектирана за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, додека синологот Игор Радев е во трката со препевот од кинески на „Безначајни песни“ од Шји Чуан. Никола Ѓелинчески ја заокружува листата со препевот од англиски на делото „Неред“ од Питер Мекеј. Трите последни изданија се објавени од „Струшки вечери на поезијата“.
Првпат од основањето во 2022 година, наградата се доделува на препев на стих. Признанието го носи името на писателот, преведувач и универзитетски професор Драги Михајловски (1951–2022), кој остави траен белег токму со препевите на Шекспир, Милтон, Блејк, Шели и Китс.
Годинава во првичниот избор се натпреваруваа 24 дела од 27 преведувачи, објавени од девет издавачки куќи и преведени од вкупно 12 светски јазици. Опфатени беа дела на 22 странски автори, како и две антологии со стихови на стотина поети. Проектот го реализира издавачката куќа „Антолог“, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Филолошкиот факултет во Скопје.
Името на добитникот ќе биде објавено на 16 октомври (петок), точно напладне во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на денот кога се одбележуваат 75 години од раѓањето на Михајловски.
На свеченоста ќе биде врачена и интернационалната награда „Драги“, чиј годинашен лауреат е хрватскиот македонист Борислав Павловски. Тој го добива признанието за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, објавен во Загреб од „ТИМ прес“.