Институтот за јавно здравје регистрираше пет нови случаи на западнонилска треска во текот на изминатата недела, со што вкупната бројка на заболени во Македонија достигна 70 лица заклучно со 22 септември. Меѓу новопријавените случаи евидентиран е и првиот заразен пациент во Тетово, додека останатите се од Скопје и Велес. Досега од компликации предизвикани од вирусот починаа девет лица, сите од машки пол.
Најголемиот дел од регистрираните случаи се на подрачјето на главниот град. Од вкупно 70 евидентирани лица, дури 63 се од Скопје, каде што Центарот за јавно здравје уште во август пријави епидемија во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел.
Останатите потврдени случаи се распоредени низ внатрешноста: три во Велес и по еден во Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово. Според податоците на ИЈЗ, дури 69 случаи се автохтони, што потврдува локална трансмисија преку убод од домашната популација комарци. Само еден пациент имал историја на патување во Грција, но со инкубациски период кој покрива и престој во земјава.
Епидемиолошките податоци покажуваат силна застапеност кај постарата популација и кај мажите. Дури 81,4 отсто од заболените, односно 57 лица, се на возраст над 60 години, а просечната возраст на пациентите изнесува 66,5 години. Кај возрасната група од 50 до 59 години се регистрирани седум случаи, два се на возраст меѓу 40 и 49 години, еден од 30 до 39, а три лица се млади меѓу 20 и 29 години.
Мажите сочинуваат речиси три четвртини од сите пријавени случаи (74,3%). Сите девет починати пациенти се мажи на просечна возраст од 71 година, при што осуммина имале претходни хронични заболувања. Осум од смртните случаи се од Скопје, а еден пациент бил жител на Куманово.
Вкупно 68 лица развиле невроинвазивна форма на болеста и сите биле задржани на болничко лекување. Најголем дел од нив, односно 66 пациенти, биле примени на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, додека по еден случај бил третиран во приватните болници „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“.
Досега од болниците се испишани 50 пациенти, девет сè уште се наоѓаат на болничко лекување, а просечното траење на терапијата изнесува 14 дена. Дијагнозата кај најтешките случаи е потврдена преку серолошко испитување на ликвор.