Еден загинат и 16 повредени откако возило влета на парада на гордоста во Берлин

Полицијата ја прекина манифестацијата откако автомобил удри во луѓе кај Тиргартен, а градските власти го осудија нападот.
Фото: EPA/CLEMENS BILAN

Едно лице загина, а најмалку 16 се повредени откако возило влета во толпа луѓе за време на одржувањето на традиционалната парада на гордоста во Берлин. Полицијата веднаш ја прекина манифестацијата и ги повика стотиците илјади учесници да го напуштат рејонот околу паркот Тиргартен. Дел од повредените се наоѓаат во животна опасност, додека германските власти побараа итна истрага за трагичниот инцидент.

Инцидентот се случи во близина на главната траса на манифестацијата, која се одржуваше во центарот на германската престолнина пред Бранденбуршката порта. Според соопштението на полицијата, автомобилот удри во повеќе лица во паркот Тиргартен.

Пожарникарите и екипите на итната медицинска помош веднаш излегоа на терен за да им укажат помош на настраданите. Полицијата преку социјалните мрежи упати апел до сите присутни веднаш да се разотидат и да го избегнуваат целиот рејон. Манифестацијата беше официјално прекината во 22:15 часот.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц побара брзо разјаснување на сите околности и нагласи дека мора да следуваат соодветни санкции за одговорните.

Градоначалникот на Берлин, Кај Вегнер, кој претходно истиот ден учествуваше во поворката од официјалното возило на градот, порача дека овој чин претставува директен удар врз вредностите на престолнината.

„Берлин е град на слободата, а нашата слобода денеска беше нападната на најужасен начин“, изјави Вегнер.

Пред прекинот, на овогодишното издание на таканаречениот Ден на улицата Кристофер се собраа стотици илјади луѓе. Организаторите порачаа дека настанот испраќа порака против растечкиот притисок врз ЛГБТК заедницата и зголемувањето на злосторствата од омраза.

Полицијата во текот на денот спречи каков било контакт меѓу учесниците на парадата и најавениот контрапротест на екстремната десница, на кој се појавија само околу 15 лица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс