Глобалниот сектор за производство на полупроводници за неколку дена изгуби повеќе од еден билион долари од својата пазарна вредност по бран од продажба на акции. Падот уследи откако ниту рекордните деловни резултати на јужнокорејскиот гигант СК Хајникс не успеаја да ги смират инвеститорите, кои сè повеќе се сомневаат во одржливоста на пазарниот бум поврзан со вештачката интелигенција.
Најголем притисок од бранот негативни трендови претрпеа акциите на јужнокорејските компании СК Хајникс и Самсунг Електроникс, како и на јапонската инвестициска групација СофтБанк. Покрај азиските лидери, сериозни загуби регистрираа и низа други водечки американски и азиски производители на чипови, што укажува на поширок скептицизам кај инвеститорите.
Катализатор за падот станаа сомнежите околу тоа дали огромните вложувања во инфраструктура за вештачка интелигенција брзо ќе донесат очекуван поврат на капиталот. Дури и кога компаниите како СК Хајникс, кој е главен снабдувач со мемориски чипови со висок пропусен опсег, објавуваат историски високи приходи, пазарот реагира со повлекување на капиталот поради страв од прегревање на овој сектор.