Само неколку дена траеше договорот за откупната цена на пиперката „ајварка“, тврдат земјоделците од Струмичко, кои повторно најавија протест поради намалувањето на цената.
Според организаторите од „Месно здружение млади Муртино“, пиперката во изминатите пет дена повторно се откупува по 25 денари за килограм, иако по претходните протести било договорено за индустриската и прва до втора класа да се плаќа по 30 денари. Во меѓувреме, од фабриките биле најавени и дополнителни намалувања.
Земјоделците за вторник, 25 август, најавија нов протест во 11 часот пред зградата на Министерството за земјоделство во Струмица. Тие го повикуваат министерот Борче Серафимовски да излезе пред нив и да го објасни повторното намалување на цените, а повик упатија и до локалните власти и до премиерот Христијан Мицкоски да дојдат во Струмица и директно да ги слушнат нивните барања.
Проблемот со откупната цена на „ајварката“ трае со недели. На претходните протести земјоделците блокираа важни сообраќајници во струмичкиот регион и протестираа пред подрачната единица на Министерството за земјоделство.
По тие протести, министерот Серафимовски посредуваше меѓу производителите, откупувачите и трговците и беше соопштено дека се договорени нови цени. За прва класа пиперка „куртовска капија“ беше утврдена цена од 40 денари, за прва и втора класа 30 денари, за индустриска класа 30 денари, а за „шкарт“ 15 денари за килограм.
Земјоделците, сепак, тврдат дека најголемиот дел од нивниот род, околу 80 проценти, се откупува како индустриска класа. Токму затоа, намалувањето од договорените 30 на 25 денари повторно ги доведе во незадоволство.
Тие предупредуваат дека со ваквите цени не можат да ги покријат трошоците за производство. Националната земјоделска мрежа претходно објави пресметка според која производната цена при принос од 3.000 килограми по декар изнесува 26 денари за килограм, а дека просечна откупна цена под 40 денари директно води кон загуба.
Од земјоделското здружение велат дека се чувствуваат изманипулирани бидејќи, според нив, договорот што требало да донесе стабилност траел само четири дена.
Во меѓувреме, Министерството за земјоделство најави засилени инспекциски контроли на откупните пунктови во Струмичкиот регион, со цел да се обезбеди почитување на договорените услови и фер и транспарентен откупен процес.
Новото незадоволство доаѓа во период кога земјоделците веќе размислуваат и за следната производствена сезона, а како што велат, без исплатени субвенции и со нестабилни откупни цени тешко можат да ги планираат трошоците и идното производство.