Во Националната библиотека на Франција во Париз се откриени седум досега непознати композиции на австрискиот композитор Волфганг Амадеус Моцарт. Станува збор за дела за флејта и харфа, пронајдени во ракописна тетратка што содржи и материјали поврзани со негови лекции по композиција од 1778 година, за време на неговиот престој во француската престолнина.
Ракописот е пронајден во архивите на библиотеката меѓу анонимни документи, а неговата автентичност подоцна е потврдена од експерти од институцијата „Моцартеум“ во Салцбург, родниот град на композиторот. Ова откритие фрла ново светло врз раниот творечки период на Моцарт и неговата работа како млад професор. Според информациите, седумте композиции траат околу 20 минути, а последното дело во збирката останува недовршено. Делата се веќе снимени и ќе бидат емитувани на француското национално радио, додека оригиналниот ракопис ќе биде претставен на специјален концерт во Париз.
Премиерната изведба е закажана во Националната библиотека на Франција, каде што ќе настапат музичари од Филхармонискиот оркестар на Радио Франција, по повод Светскиот ден на музиката.