Откажувањето од пушење го намалува ризикот од деменција, но под еден важен услов

Ново истражување покажува дека луѓето кои престануваат да пушат имаат значително помал ризик од развој на деменција. Сепак, научниците откриле дека придобивките се најизразени кај оние кои по откажувањето од цигарите не добиваат значително на телесна тежина.

Голема анализа спроведена врз повеќе од 32.000 лица постари од 50 години покажала дека поранешните пушачи имаат околу 16 проценти помал ризик од развој на деменција во споредба со оние кои продолжиле да пушат. Истражувачите ги следеле испитаниците повеќе од две децении и ги анализирале нивните здравствени навики и когнитивни способности. 

Клучен е ефектот врз телесната тежина

Научниците утврдиле дека придобивките од откажувањето од пушење зависат и од промените во телесната тежина. Лицата кои успеале да ја одржат тежината стабилна или добиле до пет килограми по откажувањето и понатаму имале значително помал ризик од деменција и побавно когнитивно стареење. 

Од друга страна, кај луѓето кои добиле 10 или повеќе килограми по престанокот на пушењето, заштитниот ефект врз мозокот бил значително намален или целосно исчезнал. 

Зошто пушењето му штети на мозокот?

Според експертите, хемикалиите од чадот ги оштетуваат крвните садови, го намалуваат протокот на крв кон мозокот и поттикнуваат хронични воспалителни процеси и оксидативен стрес. Овие фактори можат да го забрзаат стареењето на мозочните клетки и да го зголемат ризикот од когнитивно пропаѓање и деменција. 

Истражувањето покажало и дека колку подолго човек не пуши, толку повеќе ризикот од деменција се приближува до оној кај луѓето кои никогаш не пушеле. 

Никогаш не е предоцна

Претходни истражувања покажале дека дури и луѓето кои престануваат да пушат во подоцнежните години можат да го забават когнитивното пропаѓање и да го зачуваат менталното здравје. Експертите нагласуваат дека секој период без цигари носи придобивки, не само за срцето и белите дробови, туку и за мозокот. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс