Повеќе од 100 имиграциски судии во САД се отпуштени или спречени да се вратат на работа откако Доналд Трамп повторно ја презеде претседателската функција во јануари 2025 година, а потегот предизвика остри реакции од експерти назначени од Советот за човекови права на Обединетите нации.
Во заедничко соопштение, независниот експертски панел оцени дека ваквите разрешувања ја поткопуваат независноста на имиграциските судови и на американскиот правосуден систем, предупредувајќи дека последиците се „непосредни и сериозни“. Имиграциските судии, кои се вработени во американското Министерство за правда, одлучуваат по предмети поврзани со депортација, барања за азил и други форми на меѓународна заштита за мигрантите.
Експертите на ОН ја повикаа администрацијата на Трамп веднаш да го запре, како што наведуваат, „масовното произволно отстранување“ на имиграциските судии и политизацијата на имиграциските судови. Според нив, отказите предизвикале сериозна загриженост дека судиите се отстрануваат врз основа на нивната претпоставена политичка определба, професионално минато или одлуките што ги носеле во својата работа.
„Овие разрешувања ја поткопуваат независноста на имиграциските судови и на поширокиот правосуден систем, а нивните последици се непосредни и сериозни“, наведуваат експертите, додавајќи дека својата загриженост веќе официјално им ја пренеле на американските власти.
Панелот, исто така, предупреди дека постои ризик Белата куќа да го претвори системот на имиграциски судови „од форум за независно и индивидуално судење во инструмент за спроведување на целите на политиката за депортација“. Американското Министерство за правда и Министерството за внатрешна безбедност засега не ги коментираа обвинувањата.
Според податоците на Американската асоцијација на адвокати за имиграциско право, повеќе од 100 судии од вкупно околу 700 се отпуштени или не им било дозволено да се вратат на работа од почетокот на вториот мандат на Трамп.
Од здружението предупредуваат дека намалениот број судии дополнително ќе го оптовари системот, особено во време кога администрацијата ги засилува апсењата и депортациите на мигранти. Во меѓувреме, неколку поранешни имиграциски судии веќе поднесоа тужби против американското Министерство за правда, тврдејќи дека нивните откази биле незаконски.