Обединетите нации предупредија дека цивилите и понатаму ја плаќаат највисоката цена во вооружените конфликти ширум светот. Според податоците на организацијата, во текот на 2025 година во конфликтите што ги следи ОН бил убиен по еден цивил на секои 14 минути.
На седницата на Советот за безбедност, директорката на секторот за операции и застапување при Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, Едем Восорну, изјави дека реалниот број на жртви е многу поголем од официјално документираниот. Таа посочи дека најтешка е состојбата во Демократска Република Конго, Судан, Украина и окупираните палестински територии.
Восорну нагласи дека сè почести цели на нападите се цивилите, медицинскиот персонал и хуманитарните работници. Според податоците на ОН, во 2025 година биле регистрирани повеќе од 1.350 напади врз здравствени установи и медицинска помош во 18 различни конфликти. Болници и амбуланти биле уништувани, а медицински лица убивани, приведувани и заплашувани додека ја извршувале својата работа.
Таа предупреди и на зголемените ризици за хуманитарните работници, наведувајќи дека од почетокот на 2026 година досега 144 лица биле убиени, ранети, киднапирани или приведени додека доставувале помош.
Дополнителна загриженост предизвикува и употребата на нови технологии во војувањето. Според ОН, вооружените дронови и вештачката интелигенција значително го зголемиле интензитетот на насилството, особено во густо населени подрачја. Употребата на дронови во конфликтите пораснала за 4.000 проценти во периодот од 2020 до 2024 година.
Претседателката на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, Мирјана Сполјарич, предупреди дека прекршувањето на меѓународното хуманитарно право станува сè почеста појава. Таа истакна дека ограничувањето на пристапот на Црвениот крст до притворениците претставува опасен удар врз основните хуманитарни норми.