Македонската култура, јазик и поезија добиваат нов современ сценски израз во Келн, каде на 23 мај 2026 година премиерно ќе биде изведен танцовиот перформанс „Wording a common skirt“ на младата македонска кореографка и танцова изведувачка Јована Петровска.
Перформансот е создаден по повод 105 години од раѓањето на македонскиот поет, лингвист и културен великан Блаже Конески, а директна инспирација за делото е неговата култна песна „Зборот“. Преку современ танц, движење, поезија и сценска експресија, проектот ја обработува темата на јазикот, идентитетот и културната припадност.
Во центарот на перформансот е обидот македонскиот јазик и книжевно наследство да се претстават пред европската публика преку универзалниот јазик на телото и движењето. Покрај кореографијата и изведбата на Јована Петровска, во проектот учествуваат и интернационални уметници од Германија, Швајцарија и Италија – Елоди Зерматен, Леа Мари Нојмајер и Виола Канту.

Музиката за перформансот ја создава Томас Вансинг, стилист е Елизабета Христовска, додека за светлото е задолжен Ник Јонас Кухоф. Во проектот е вклучена и драматуршката поддршка и гласот на Елизабета Кочоска, а како поетска основа се користи токму „Зборот“ од Конески.
Авторката Јована Петровска веќе неколку години активно работи на развојот на современата танцова сцена, и во Македонија и во Германија. Таа живее и работи во Келн, а образованието по современ танц го завршила на престижниот Hochschule für Musik und Tanz Köln. Во својата работа често ги истражува врските помеѓу традиционалните културни форми, идентитетот и современиот сценски јазик.
Петровска досега настапувала на повеќе европски фестивали, меѓу кои „Sommerwerft“ во Франкфурт и „15minuten“ во Келн, а нејзиниот нов проект се гледа и како пример за сè поголемото присуство на македонски автори на меѓународната независна уметничка сцена.
Перформансот носи и силна симболика – македонската поезија и јазик, преку современ уметнички израз, влегуваат во директен дијалог со европската културна сцена. Во време кога културниот идентитет сè почесто се преиспитува преку глобални уметнички практики, проектот на Петровска претставува обид македонското наследство да се претстави како современо, живо и универзално.