(ВИДЕО) Поразот донесе нервоза: Брнабиќ бараше инцидент со граѓаните во Белград

Вршителката на должноста претседател на Србија одби да се ракува со граѓаните што ја славеа изборната победа на студентите

Вршителката на должноста претседател на Република Србија и висока функционерка на СНС, Ана Брнабиќ, влезе во остар вербален конфликт со граѓани кои синоќа на белградските улици ја славеа победата на „Студентската листа“. Додека насобраните луѓе прославуваа по признавањето на поразот од страна на Александар Вучиќ, Брнабиќ застана, реагираше на дофрлања од толпата и одби подадена рака за поздрав, по што замина испратена со песната „А, сад адио“.

Видеото објавено на социјалните мрежи прикажува како Брнабиќ застанува пред група граѓани кои слават на белградскиот асфалт.

„Само кажете ми, бидејќи поминував овде, а вие рековте: ‘Каде сте, пички?’ Кој е пичка? Вие или јас“, им се обрати Брнабиќ на луѓето на улицата.

Граѓаните ја прашаа како успеала да го слушне тоа од блиндираното возило. Актуелната в.д. претседателка на Србија и поранешна претседателка на Собранието возврати дека нема „блинда“.

Присутните на улицата неколкупати ѝ порачаа дека нема потреба од тензија и дека сè е во ред.

„Чесно изгубивте и ајде, одите си дома“, ѝ рекоа граѓаните, додека поединци ѝ пружија рака за цивилизиран поздрав. Брнабиќ одби да се ракува со нив.

Иако граѓаните покажаа дека немаат намера да влегуваат во конфликт, Брнабиќ продолжи со повици „апсете ме“ и „јавајте ме“. Групата потоа ја испрати в.д. претседателката пеејќи ги стиховите од познатата песна „А, сад адио“.

Инцидентот се случи непосредно по соопштувањето на резултатите од вонредните парламентарни избори. Проекциите на CeSID и Ipsos покажаа дека „Студентската листа – студентите победуваат“ освои 52,9 отсто од гласовите, додека листата околу СНС освои 38,8 отсто.


Ваквиот исход доаѓа по речиси две години континуирани студентски и граѓански маршеви низ српските градови. Доскорешниот претседател Александар Вучиќ претходно вечерта јавно го призна поразот, по што илјадници луѓе излегоа на плоштадите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс