Нова зимска патека до Титов Врв: Шар Планина добива подобра планинарска сигнализација

Една од најпознатите планинарски рути во Македонија, зимската патека од Попова Шапка до Титов Врв, доби нова маркација.

Нејзината официјална промоција ќе се одржи во среда, на 28 октомври, со учество на тројца европски амбасадори, претставници на локалните институции и светски познатиот чешки алпинист Марек Холечек.

Настанот ќе започне во 9 часот на Попова Шапка, кај информативната табла во близина на хотелот „Скардус“, а е дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во Северна Македонија“.

Проектот е финансиран од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, а го спроведуваат Планинарската федерација на Северна Македонија и Одржливи авантуристички патувања Скопје.

Новата маркација има цел да ја подобри ориентацијата на планинарите во зимски услови и да придонесе за побезбедно движење на една од најпосетуваните високопланински рути на Шар Планина.

По промоцијата е предвидена организирана планинарска тура од врвот Церипашина до врвот Антени, на надморска височина од 2.530 метри.

Посебен гостин на настанот ќе биде чешкиот алпинист Марек Холечек, добитник на престижната светска алпинистичка награда „Piolet d’Or“, кој престојува во Македонија како гостин на Фестивалот на планински филм ЕХО.

Холечек ќе одржи и презентација за своите алпинистички искуства во четврток, на 29 октомври, во 20 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, каде што ќе биде претставен и проектот „Славков“.

На промоцијата се очекува присуство на амбасадорите на Австрија, Чешка и Словачка, градоначалниците на Тетово и Боговиње, како и претставници на Министерството за култура и туризам и Националниот парк „Шар Планина“.

Со поставувањето на новата маркација се прави дополнителен чекор кон унапредување на планинарската инфраструктура и развојот на одржливиот планински туризам во Македонија.


Сепак, организаторите и планинарските служби потсетуваат дека зимското искачување на Титов Врв бара соодветна опрема, искуство и проверка на временските услови, а маркацијата не ја исклучува опасноста од лавини и други планински ризици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс