Гонорејата и сифилисот бележат рекорден раст низ Европа, покажуваат најновите податоци на European Centre for Disease Prevention and Control. Според извештајот, во 2024 година се регистрирани највисоки бројки на овие сексуално преносливи инфекции во последните повеќе од десет години.
Кај гонорејата биле регистрирани 106.331 случаи, што претставува зголемување од дури 303 проценти во споредба со 2015 година. Во истиот период, бројот на случаи со сифилис повеќе од двојно се зголемил и достигнал 45.557 инфекции.
Од ЕЦДЦ предупредуваат дека зад ваквиот раст стојат повеќе фактори, меѓу кои недоволното тестирање, слабата превенција, намалената употреба на заштита и недоволната информираност за ризиците од сексуално преносливите болести.
„Овие инфекции можат да предизвикаат сериозни компликации, вклучително хронична болка, неплодност, а кај сифилисот и проблеми со срцето и нервниот систем“, предупреди Бруно Чианчио, директор на секторот за директно преносливи и вакцино-превентабилни болести во ЕЦДЦ.
Посебна загриженост предизвикува и растот на таканаречениот конгенитален сифилис – случаи кога инфекцијата се пренесува од мајката на новороденчето. Според европските здравствени власти, бројот на вакви случаи речиси се удвоил меѓу 2023 и 2024 година, што може да предизвика сериозни и долгорочни здравствени последици кај бебињата.
Шпанија била меѓу европските држави со најголем број потврдени случаи. Таму биле регистрирани 37.169 инфекции со гонореја и 11.556 случаи на сифилис.
Извештајот покажува дека најпогодена група и понатаму се мажите кои имаат сексуални односи со мажи, кај кои е забележан најголем долгорочен раст на инфекциите. Но здравствените власти предупредуваат и на значителен пораст кај хетеросексуални жени во репродуктивна возраст.
Иако кламидијата останува најчесто пријавуваната бактериска сексуално пренослива инфекција во Европа, бројот на случаи сепак е намален за околу 6 проценти од 2015 година наваму. Во 2024 година биле регистрирани 213.443 случаи.
Во меѓувреме, и Обединето Кралство објави загрижувачки бројки. Според податоците на британската здравствена агенција, во Англија во 2024 година имало 71.802 случаи на гонореја и 9.535 случаи на сифилис. Поради силниот раст на инфекциите, Велика Британија во 2025 година започна и со воведување вакцина против гонореја.
Експертите предупредуваат дека симптомите често се игнорираат или остануваат незабележани. Гонорејата може да предизвика болка, воспаление и необичен секрет, но кај дел од луѓето нема никакви симптоми. Сифилисот, пак, најчесто започнува со ранички околу гениталиите или устата, осип, опаѓање на косата и симптоми слични на грип, кои можат периодично да исчезнуваат.
И двете инфекции можат успешно да се лекуваат со антибиотици ако се откријат навреме, но ако не се третираат, можат да предизвикаат сериозни здравствени последици.
Здравствените власти повторно апелираат на редовна заштита при сексуални односи, користење кондоми и тестирање при појава на симптоми или ризични контакти.