Вечер на Октоберфест која требало да биде обично дружење заврши со сметка од неверојатни 38.000 евра. Фредерик Принц фон Анхалт (83), вдовец на актерката Жа Жа Габор, тврди дека на крајот останал сам да ги плати трошоците откако друштвото со кое славел исчезнало.
Фон Анхалт за минхенски „Абендцајтунг“ (Abendzeitung) раскажа дека бил во познатиот шатор „Кефер Визн-Шенке“ (Käfer Wiesn-Schänke), каде што ѝ се придружил на група познаници од Калифорнија и Холивуд. Според неговата верзија на настаните, вечерта почнала прилично безопасно.
Бидејќи не пие пиво, се согласил на чаша шампањ. Но, друштвото нарачувало големи, магнум шишиња, па една чаша набрзо станале неколку. „Бев целосно пијан“, призна 83-годишникот, кој вели дека на делови од вечерта повеќе и не се сеќава.
Најголемото изненадување уследило кога пристигнала сметката од 38.000 евра. Фон Анхалт тврди дека тогаш на масата веќе ги немало луѓето со кои ја поминал вечерта. Има и своја теорија за тоа зошто исчезнале. Вели дека ја виделе неговата картичка „Американ експрес центурион“ (American Express Centurion), позната како „црна картичка“, по што друштвото наводно се разбегало.
„Јас сигурно не сум некој што може да испие 38.000 евра“, порача тој за „Абендцајтунг“. И покрај тоа, сметката на крајот ја платил во целост. „Како 83-годишник морав да ја подмирам целата сметка. Американец сум, секако дека платив“, рече тој, па луто додаде: „Тие гадови!“ Со келнерката, како што вели, не сакал да се расправа: „Кутрата жена не е ништо виновна“.
Колку износот бил невообичаен покажува и она што се случило подоцна. Фон Анхалт тврди дека го контактирале од „Американ експрес“ за да проверат дали сè е во ред со неговата картичка и дали можеби е украдена. Сметката повеќе ја нема – вели дека или ја изгубил или ја оставил на масата.
Ниту враќањето во хотелот не му останало сосема јасно во сеќавањето. Некој, според неговите зборови, го одвезол до хотелот „Бајеришер хоф“ (Bayerischer Hof), а кога се освестил, лежел на креветот целосно облечен.
„Абендцајтунг“ нагласува дека неговата приказна не може независно да се потврди, особено затоа што самиот Фон Анхалт признава оти бил толку пијан што не се сеќава на делови од вечерта. Засега, според тоа, станува збор за негова верзија на настаните.
