Унгарската опозициска партија Фидес објави дека обвинителите извршиле рација во просториите на партијата каде што се чуваат серверите, со цел да запленат комуникациски системи и бази на податоци, објави Ројтерс.
„Истражителите на обвинителството влегоа во центарот каде што се наоѓаат серверите на Фидес без претходна најава со намера да ги конфискуваат комплетните комуникациски системи и бази на податоци на партијата“, се вели во соопштението на Фидес, објавено на Фејсбук.
Се додава дека такво нешто не се случило во Унгарија од 1990 година и падот на комунизмот и дека Фидес ќе „се спротивстави на агресивната тиранија на Тиса“.
Во своето соопштение, Фидес не наведе каде се одвива акцијата, но обвинителството од градот Бак-Кишкун на југот од земјата им одговори на медиумите дека активностите се поврзани со истрагата за „проневера и други кривични дела“ во Националниот фонд за култура (НКА).
Унгарскиот премиер Петер Маѓар објави на Фејсбук дека со нетрпение ги очекува информациите од обвинителството.
Порано оваа година, властите покренаа повеќе кривични постапки против неколку поранешни и сегашни функционери на НКА во врска со трошење на близу 50 милиони евра. Сите тие ги негираа обвиненијата против нив.
Истраги беа покренати врз основа на наводи дека милијарди форинти биле пренасочени од државни средства кон разни уметници и организации поврзани со Фидес.
На чело на Фидес е долгогодишниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, кој ги загуби изборите одржани кон средината на април по 16 години на власт.
Новиот премиер на Унгарија, кој дојде од Фидес, во кампањата вети дека ќе го демонтира системот на Орбан и ќе се бори против корупцијата.
Планирани се обемни истраги, кои треба да откријат како членовите на семејството на Орбан, неговите соработници, олигарсите и високите партиски функционери се збогатиле, како и да овозможат враќање на нелегално стекнат имот.