Проектот вреден 22,2 милиони денари предвидува поплочување на околу 6.000 квадратни метри, ново зеленило, урбана опрема и осветлување.
По неколку месеци раскопан простор, прашина и градежни активности, започна обновата на трговскиот центар во населбата Лисиче. Општина Аеродром најавува комплетно уредување на просторот, кој треба да добие нова подлога, урбана опрема, шаховски табли и детско игралиште.
Градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, информира дека во рамки на проектот се врши поплочување на околу 6.000 квадратни метри. Освен новите плочки, предвидено е поставување клупи, шах-маси, детско игралиште, ново осветлување и хортикултурно уредување.
„Трговскиот центар во Лисиче не добива само нови плочки. Го уредуваме целокупниот простор – со ново зеленило, современо осветлување, урбана опрема и содржини што ќе го направат ова вистинско место за собирање и дружење на граѓаните“, изјави Митески.
Според Општина Аеродром, целта е просторот да стане пофункционален и попријатен за жителите на Лисиче, особено затоа што станува збор за една од најфреквентните локации во населбата.
Вкупната вредност на проектот изнесува 22,2 милиони денари, односно околу 360.000 евра.