Собранието денеска ги донесе измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои за првпат детално се регулира управувањето со електричните тротинети, односно „лесните електрични возила“. Законските измени беа усвоени со едногласна поддршка од присутните пратеници, вклучително и потребното двојно мнозинство според Бадентеровиот принцип.
Со новите правила, електричен тротинет ќе смеат да управуваат само лица кои наполниле 18 години. Дополнително, максималната дозволена брзина се намалува од досегашните 25 на 20 километри на час, согласно европските препораки за ваков вид превозни средства.
Законот воведува и јасни ограничувања за начинот на возење. Возачите нема да смеат да превезуваат сопатници, да возат под дејство на алкохол, да управуваат со една рака или да изведуваат опасни маневри што ја загрозуваат безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Во одредени случаи, покрај паричните казни, ќе следува и одземање на електричниот тротинет. Тоа ќе важи ако со тротинет управува малолетно лице, ако е надмината дозволената брзина, ако се превезува друго лице или ако возачот е под дејство на алкохол.
Измените следуваат по повеќе сообраќајни незгоди во кои учествувале електрични тротинети, особено со малолетни возачи. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, повеќе од половина од регистрираните несреќи со вакви возила биле предизвикани од лица на возраст од 16 и 17 години, поради што законодавецот се одлучи за построги правила со цел подобра заштита на сите учесници во сообраќајот.